Фото: Принтскрин, Јутјуб

Претседателот на САД, Џо Бајден, и претседателот на Русија, Владимир Путин, ја почнаа својата средба на брегот на Женевското Езеро. Всушност, станува збор за своевиден самит, оти ќе учествува и домаќинот, претседателот на Швајцарија, Гај Пармелин.

Пред самитот, претседателите на САД, Русија и Швајцарија направија заедничка фотографија пред вилата „Ла Гранж“, каде што се одржува самитот.

Според претходните најави од Кремљ, преговорите ќе се состојат од три дела.Најпрвин Бајден и Путин ќе разговараат во потесен состав, а прогнозите се дека таа средба може да трае 4-5 часа. Потоа самитот ќе добие и проширен состав, а на крајот ќе одржат одделни прес-конференции. Бајден не се согласи за заедничка прес-конференција со Путин.

За време на разговорите, Путин ќе биде придружуван од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, а Бајден ќе биде придружуван од американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

На почетокот на средбата Путин му се заблагодари на Бајден за иницијативата за средбата и изрази надеж дека средбата ќе биде продуктивна, додека Бајден истакна дека средбата со Путин очи-во-очи е корисна.

Пармелин им посака успешен дијалог на Бајден и Путин и додаде дека е голема чест за Швајцарија да има можност да биде домаќин на двајцата претседатели. Тој им посака успех на двајцата претседатели на англиски и руски јазик.

Деновите пред состанокот беа направени детални подготовки за нивното доаѓање. Вилата „Ла Гранж“, каде ќе се сретнат, се наоѓа на брегот на Женевското Езеро и е опкружена со километри бодликава жица. Паркингот е реконструиран за да се сместат повеќе од 30 возила на делегациите, а беше обезбедено место за слетување на два хеликоптери.

Самитот го обезбедуваат меѓу 3 и 3,5 илјади полицајци.