Почна изградбата на „Велоштад“ кај Транспортен центар

Фото: Скопје Лаб - Центар за иновации на Град Скопје

Започна фазата на реализација и партерно уредување на првонаграденото решение – „Велоштад“ од конкурсот за #ВелоПаркинг, информираат од Град Скопје.

Проектот „Велоштад“ на младите Михајло Стојановски и Теа Дамјановска е избран како најкреативен дизајн на велосипедски паркинг кој ќе се постави на локација во склоп на Транспортниот центар Скопје, поконкретно делот кон улиците Владимир Комаров и булеварот Кузман Јосифовски Питу, непосредно до влезот и паркингот за Автобуската станица. Овој предлог е еден од предлозите на 11 тимови учесници на јавниот повик кој го објави Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб.

Целта на „Велоштад“ е создавање нова вело локација во градот, а со проектот покрај паркирање, предвидено е овој плоштад да нуди простор за основен сервис на велосипедот, гардероби за брза промена на облеката, кабини за долговремено стационирање на велосипеди и урбана опрема. Со „Велоштад“ ќе се овозможат 12 држачи за 24 велосипеди, како и шест кабини за заклучување на велосипеди за подолг временски период.

Идејата на велопаркингот е да ги поттикне граѓаните поактивно да користат велосипеди, да промовира интермодален транспорт (велосипед, автобус, воз, итн.) а со тоа и да придонесе кон зајакнување на инфраструктурата за алтернативен транспорт.

„Мета.мк“ веќе пишуваше за проблемите со кои се соочуваат велосипедистите во главниот град, како и за тоа дека низ текот на годините опаѓа бројот на домаќинства што имаат велосипед.

Неодамна, пред парламентарните избори граѓанската иницијатива „На Точак“ ја започна петицијата #МојатаЦрвенаВелоЛинија, со која на политичарите (пратеници и членови на извршната власт) им поставија 10 конкретни барања за унапредување на велосипедскиот сообраќај во земјава.