Image by pfeiffed from Pixabay

Граѓанската иницијатива „На Точак“ пред парламентарните избори ја започна петицијата #МојатаЦрвенаВелоЛинија, со која на политичарите (пратеници и членови на извршната власт) им поставија 10 конкретни барања за унапредување на велосипедскиот сообраќај во земјава. Меѓу нив, на високото четврто место се наоѓа барањето Македонски железници да овозможат превоз на точаци во возовите низ земјава.

Онлајн петицијата досега е потпишана од над 1.600 лица, а од „На Точак“ посочуваат дека нивната „програма“ со 10 барања ќе се потрудат да остане актуелна до остварување на ваквите барања од страна на политичарите.

„Како држава која претендира да биде членка на ЕУ, треба да се усогласиме со европските пракси, по заложбите на Европската велосипедска федерација (ECF), која налага обезбедување на минимум 8 места за велосипеди во возовите кои оперираат на европско ниво, наместо забраната од Македонски Железници“, се вели во конкретното барање што е наведено во онлајн петицијата.

„Мета.мк“ со ваквото барање го запозна државното претпријатие Железници на РСМ-Транспорт, од каде само кратко ни одговорија дека за прашањата поврзани со превозот на велосипеди во возовите веќе ни одговориле во претходните обраќања. Петицијата и иницијативата востановена од „На Точак“ не ја коментираат.

Она што всушност претходно од Железници на РСМ-Транспорт го имаат изјавено за „Мета.мк“ е дека во постојните кинески возови не е предвиден простор за транспорт на велосипеди, а дека при набавката на нови превозни средства во иднина ќе се планирала набавка на возови со кои ќе може да се превезат и велосипеди.

И додека во нашата земја превозот на велосипед со возовите е нерешено прашање, дури и во соседните земји велосипедистите можат да патуваат со патничките возови. Покрај тоа што нови возови задолжително се набавуваат со простор наменет за транспорт на велосипеди, и во старите вагони и моторни гарнитури се отстрануваат дел од седиштата и се поставуваат рачки за прикачување на велосипеди, со цел да им се овозможат на граѓаните што повеќе поволности при патувања, а со тоа и зголемување на мобилноста на населението.