Проектот „Велоштад“ е прогласен за најкреативен велопаркинг

Фото: Изглед на Велоштад

Проектот „Велоштад“ на Михајло Стојановски и Теа Дамјановска е избран како најкреативен дизајн на велосипедски паркинг кој ќе се постави на локација во склоп на Транспортниот центар Скопје. Овој предлог е еден од предлозите на 11 тимови учесници на јавниот повик кој го објави Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб. Целта на Вело паркингот е да ги поттикне граѓаните поактивно да користат велосипеди, да промовира интермодален транспорт (велосипед, автобус, воз, итн.) а со тоа и да придонесе кон зајакнување на инфраструктурата за алтернативен транспорт.

„Како страсни возачи на велосипед, знаеме што е она што им треба и што сакаат велосипедистите и тоа знаење некако го преточивме во идеја. Целиот процес на создавање беше интересен и возбудлив“, изјави Михајло Стојановски по прогласувањето за најкреативно решение.

Целта на „Велоштад“ е создавање нова вело локација во градот, а со проектот покрај паркирање, предвидено е овој плоштад да нуди простор за основен сервис на велосипедот, гардероби за брза промена на облеката, кабини за долговремено стационирање на велосипеди и урбана опрема. Со „Велоштад“ ќе се овозможат 12 држачи за 24 велосипеди, како и шест кабини за заклучување на велосипеди за подолг временски период.

Имено, креаторите на „Велоштад“ се наградени со ваучер од 700 евра и нивното решение ќе помине во фаза на изведба. Вкупниот буџет предвиден за реализација на првонаграденото решение е 11.500 евра, со дополнителна поддршка од 3.000 евра кои се обезбедени за реализација и уредување на локацијата каде ќе биде поставен велосипедскиот паркинг – модул.

Второнаградено решение со сума од 500 евра е на Тамара Џерков и Анастасија Ристеска, додека пак третонаградени се Владимир Ристески и Елена Пазарџиевска Ристовска со 300 евра бруто сума.

Проектот се реализира со финансиска и техничка поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ North Macedonia) преку компонентата за спроведување на активна мерка за развој на велосипедската инфраструктура, проектот Градови на иднината на Југо-источна Европа кој го спроведува SmartUp – Social Innovation Lab, организација која истовремено го води Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб, и Град Скопје.