Професорката Мирјана Најчевска денеска за „Мета“ потврди дека добила покана утре да се појави на полициската станица „Беко“ да даде изјава.
– Не знам за што ме товарат. Не сум направила ништо што е надвор од тоа што претставува мирно протестирање. Најверојатно власта очекува демонстрациите да станат насилни. По еден месец протестирање демонстрациите се уште се одвиваат мирно – вели Најчевска.
Покрај Најчевска, утре на распит во полициската станица „Беко“ е повикана и извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска. Таа за „Мета“ изјави дека ваквите заплашувања од власта нема да ја сопрат да протестира.
– Повикана сум затоа што за време на протестите фрлав боја. Не планирам да престанам да фрлам боја. Сметам дека е легитимно право да протестирам. Власта смета дека со овие информативни разговори, кои веројатно нема да бидат последни, ќе не заплашат, но сето тоа е контрапродуктивно. Јас и граѓаните и понатаму ќе продолжиме да излегуваме на улици и да протестираме – вели Пировска.
Таа подоцна на својот профил на „Фејсбук“ напиша: „За Чавков и началниците: фрлав боја и ќе фрлам се додека не ве исфрлиме од институциите кои што ги окупиравте! Кривична правда барам и затоа се по список ќе шарам! Нема откажување! До крај!“
Граѓанското движење „Шарена револуција“ на својата страница на „Фејсбук“ напиша дека продолжува хајката и репресијата на режимот против борците за човекови права, против правото на протест.
„Продолжуваат мерките на заплашување врз слободната мисла, но тоа нас не јакне. Колку повеќе се обидуваат да не замолчат, толку повеќе не здружуваат и зајакнуваат. Нема да им помине, нашата порака е СТАВ НАМЕСТО СТРАВ – ЛИЦА НАМЕСТО МАСКИ! Затоа, за да им покажеме дека нема да не запрат, ве повикуваме утре (среда) во 08.45 часот наутро пред полициската станица „Беко“ во Скопје, да ги придружиме и поддржиме Уранија и Најче кои се повикани на ’информативен’ разговор и да упатиме уште една јасна анти-режимска порака“, стои во реакцијата на „Шарената револуција“.
Вчера на информативен разговор беше повикан и претседателот на Хелсиншкиот комитет на Македонија и професор на Правниот факултет на УКИМ, Гордан Калајџиев. Против него е поднесена прекршочна пријава за нарушување на одредбите од законот за јавна чистота, заради фрлање на боја. Тој е казнет со 50 евра парична казна или општо-корисна работа.