fbpx

Иванов, Вељаноски, Заев и ВМРО-ДПМНЕ го честитаа Денот на сесловенските просветители

-

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

„Одбележувајќи го големиот празник 24 мај, ја славиме историската и епохална мисија на солунските браќа. Големите просветители ја составија првата словенска азбука – глаголицата. Со помош на глаголицата тие ја препеаја Библијата на старословенски насочувајќи дека секој народ има право на проповед за делата Божји на својот мајчин јазик. Преку писмото, на идните генерации на автентичен начин им го пренесуваме она што сме го наследиле од нашите предци. Делата на светите браќа не учат дека сите луѓе се еднакви пред Бога, а јазикот на кој се молат на Бога му е еднакво мил“, стои во честитката.
Иванов наведува дека Македонија ја слави цивилизаторската мисија на големите сесловенските апостоли кои прифаќајќи ја светлината на знаењето на верата придонесоа кон втемелување на правото на еднаквост, јазик и култура.
Честитки до граѓаните, по повод празникот упатија и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, како и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Вељаноски вели дека со оддавањето на почит и празнување на Светите браќа Кирил и Методиј го уважуваме едно од најзначајните дела за македонскиот народ и останатите народи да можат на свој разбирлив јазик да ги примат и шират христијанските вредности.

„Нивниот траен белег е врежан во севкупниот европски цивилизациски подем, а преку нивната упорност и макотрпна работа докажаа дека не постои јазик што не е доволно свет и достоен за славење на Бога. Светите браќа Кирил и Методиј преку својата делотворна работа и мисионерски походи просветлија многу народи и го надградија нивниот духовен и културен развој“, вели Вељаноски и додава дека наша заедничка цел е да продолжиме да го чуваме се она што е создадено како трајна вредност и да сме полни со верба дека имаме сила да ги победиме сите предизвици.

ВМРО-ДПМНЕ во честитката наведува дека светите браќа Кирил и Методиј, како неизмерно значајни личности од нашата историја и нашето културно, етничко и духовно постоење како народ и нација.

„Со создавањето на Глаголицата, многу народи, меѓу кои и македонскиот народ, добија можност да ги примат и шират христијанските вредности, да творат и да напредуваат на свој близок и разбирлив јазик. Ваквиот потфат, целокупната просветителска и мисионерска улога на Кирил и Методиј, како и големиот број нивни ученици кои ја продолжија нивната епохална дејност во Македонија и во светот, претставува дело кое е тешко замисливо, а уште потешко остварливо од било кој современик во Македонија. Сепак, тоа е подвиг кој инспирира, подвиг кој потврдува дека со љубов, со труд, со постојаност, секој човек и секоја генерација може да остави дела за паметење, дела кои ќе го надживеат и ќе останат долго да се паметат и да им служат на генерациите кои доаѓаат“, стои во честитката.

Лидерот на опозициската партија, Заев во честитката во наведува дека сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј дадоа огромен цивилизациски придонес не само за македонскиот, туку и за сите словенски народи.

„Благодарни сме што го поставија темелот на писменоста, како наше основно културно и национално обележје. Придобивките коишто ги жнееме денеска, почитувајќи го јазикот, писмото и културата, се огромен влог со којшто нè задолжија сите нас. Преку својата благородна и просветителска дејност на овие простори, браќата Кирил и Методиј ја направија Македонија лулка на словенската култура и писменост, испишувајќи со тоа светли страници од македонската културна самобитност“, стои во честитката од Заев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...