Платформа против корупција: Заев и како в.д. министер за финансии, го крши антикорупцискиот закон

-

Ситуацијата премиерот Зоран Заев да ја врши паралелно и функцијата министер за финансии е спротивно на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, сеедно што станува збор само за привремено вршење на должноста, предупреди денеска Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

„И покрај привременото вршење на втората функција, сметаме дека обврска на институциите е да се почитува Законот, кој особено ги уредува прашањата каде што одговорноста, а со тоа и авторитетот, не смеат да бидат сконцентрирани во еден центар на моќ, туку преку контрола и баланс, одговорноста треба да се подели меѓу повеќе фактори кои заемно ќе се контролираат. Поделбата на власта е еден од столбовите на Уставот на Република Северна Македонија, а неговото почитување и почитувањето на законите се основни принципи на доброто управување во либералните демократии“, се вели во обраќањето.

Платформата истовремено посочува и дека „секое поместување на рамнотежата меѓу политичкото и институционалното раководење, може да претставува сериозна пречка за ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал. Слична ситуација е направена и со изборот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), предупредуваат невладините.

„Ова се однесува и на назначувањето на член на партијата на власт за Директор на Агенцијата за национална безбедност спротивно на член 10 (параграф 1, точка 7). Реформата на безбедносните служби е стожерот на процесот на ослободување на државата и институциите од политичкиот интерес.

Според согледувањата на граѓанското општество, ваквите политички и институционални спреги ја попречуваат борбата со високата корупција и дополнително го оневозможуваат носењето рационални антикорупциски политики засновани на анализи, кои се основна претпоставка за долгорочно и одржливо добро управување. Клучни закони, како што е предлогот за Закон за јавното обвинителство, се заробени во преговарање од позиција на тесни партиски и лични интереси, без да се земе предвид заедничкиот јавен интерес“, се вели во предупредувањето од Платформата.

 

Притвор за тетовецот кој уценувал малолетничка и објавувал нејзини фотографии со вулгарна содржина

Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против 29-годишник од селото Церово кој е осомничен дека спрема малолетничка родена 2007 година сторил кривично дело – злоупотреба на лични податоци и...