fbpx

Петличковски: Taму каде што има најмногу крлежи ќе се прави дезинсекција, место за паника – нема

„Оние кои ќе се разболат од конго-кримска хеморагична треска, значаен процент од нив може да завршат со фатален исход. Но има различни генотипови на вирусот, некои од нив се поврзани со висока смртност, но некои не се“, вели д-р Петличковски

-

Членовите на Комисијата за заразни болести (КЗБ) ќе побараат од Владата да се организира акциски план, согласно кој ќе се направи проценка на преваленцата, односно ќе се види колку често и каде има најмногу крлежи по региони во државата. Таму каде што ќе бидат детектирани, ќе се направи дезинсекција, за да го намалиме ризикот од појава на нови случаи на конго-кримска хеморагична треска. Ова денеска го изјави претседателот на Комисијата д-р Александар Петличковски.

Тој денеска се состана со останатите членови на КЗБ, како и претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, Факултетот за ветеринарна медицина, центрите за јавно здравје од Штип и Велес, а на состанокот присуствувал и министерот за здравство, Фатмир Меџити.

„Направивме преглед на состојбата и заклучивме дека нема место за паника. Ние важиме за ендемско подрачје, вирусот е присутен, а тоа е потврдено со неколку научни истражувања. Заклучивме дека треба да преземеме превентивни мерки, односно убаво да се информира населението на кој начин болеста се добива, како и брзо процесирање и испраќање на сомнителните случаи до институциите“, рече д-р Петличковски.

Тој информира дека тестови за оваа болест има доволно.

„Очекуваме да стасаат и нови. Терапијата ни е достапна, така што подготвени сме за една ваква ендемска болест“, уверува тој.

Докторот кажа дека пренесувањето на вирусот се случува по пат на каснување од крлеж кој е заразен со вирусот.

„Глобалното затоплување придонесува за тоа, активноста на крлежите да биде поинтензивна. Но, не секој крлеж е заразен со некој вирус. Кога луѓето излегуваат треба да бидат позаштитени. И здравствените работници треба да внимаваат оти тие имаат контакт со телесните секрети и затоа се поизложени на болеста“, предупреди Петличковски.

Во врска со најавата од вчера дека ветеринари заловуваат крлежи кои потоа ќе ги испитуваат, тој кажа дека засега нема резултати.

„Немаме резултати од анализите на заловените крлежи. Треба да имаме што повеќе заловени инсекти за да може да идентификуваме дали се заразени со вирусот“, додаде тој.

Во однос на смртноста од болеста, тој кажа дека таа е сериозна.

„Оние кои ќе се разболат од конго-кримска хеморагична треска, значаен процент од нив може да завршат со фатален исход. Но, има различни генотипови на вирусот, некои од нив се поврзани со висока смртност, но некои не се. Стоката, животните во Македонија се изложени на вирусот постојано. Над 30 отсто од различните животни, се со прележан вирус. Но, немаме инфо за хоспитализирани луѓе предизвикани од овој вирус, што значи дека вирусот е тука, но можно е да циркулира некоја негова поблага варијанта, па луѓето не стигнуваат до болница“, објасни претседателот на КЗБ.

Тој информира дека заразената болничарка од Клиниката за инфективни болести е во стабилна здравствена состојба.

„Рибарот од Велес е во добра состојба, но во следните денови може да се случи промена. Aко се влоши состојбата, терапијата е тука, па затоа се надеваме на добар развој и во овој случај“, вели тој.

Пред околу две недели беше регистриран првиот случај со конго-кримска хеморагична треска во земјава. 27-годишната жена од штипското село Кучица се лекуваше на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, но по неколку дена почина. Во процесот на лекување, од неа се зарази болничарка на Клиниката, чија состојба во моментов е стабилна. Во Институтот за јавно здравје вчера информираа за трет случај, рибар од Велес, за кој нема потврда, но има сомневања дека бил каснат од крлеж.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...