fbpx

Пендаровски со новогодишна порака: 2020 беше една од најтешките години, пандемијата ќе помине

-

Пред самиот почеток на новата 2021 година, државниот и политичкиот врв во државата, испратија во јавноста пораки со желба за здравје во следната година и побрзо надминување на последиците од ковид пандемијата која во 2020 имаше значајни здравствени и економско-социјални ефекти врз македонските граѓани.

Претседателот Стево Пендаровски во својата честитка потсети дека 2020 беше една од најтешките години од македонската независност, помината во постојана тензија помеѓу стравот и надежта.

„Бевме загрижени за економијата, за работните места, многу лични и професионални планови беа одложени. Но, најтрагично од сѐ, многу човечки животи беа изгубени. Пандемијата покажа колку сме ранливи како луѓе и разоткри и многу системски слабости што се извор на социјална нееднаквост и неправда. Но, во сета таа болка и страв, имавме и причини за надеж. Таа надеж ни ја даваа нашите херои, здравствените работници, кои секојдневно, пожртвувано се борат за здравјето и животот на секој пациент, дури и на новогодишната ноќ“, посочи Пендаровски.

Тој додаде дека кризата не менува сите, и од нас самите зависи дали од неа ќе излеземе разединети и рамнодушни или сплотени и солидарни. Пандемијата ќе помине и мора да сме системски подготвени за следната криза, порача Пендаровски, нагласувајќи дека треба да закрепне економијата, да се искорени неправдата и да се надминат поделбите.

Премиерот Зоран Заев потсети дека Владата досега одговори со навремени и сеопфатни мерки за секој граѓанин, како и за општеството во целост.

„Во креирањето на мерките не се водевме од принципот или-или, туку И здравје И социјална сигурност. Обезбедивме егзистенција за голем број граѓани, се зачуваа работните места и се одржува кондицијата на економијата. Сите заедно се осигуравме дека имаме стабилен здравствен систем кој функционира. Огромна е пожртвуваноста на здравствените работници кои и во текот на овие празници се на работните места, во болниците и се борат за секој живот“, рече Заев и изрази сочуство до семејствата на секој досега загубен живот во ковид кризата.

За годината што е пред нас, Заев посочи дека се поставени десет приоритети од  „Акција 21”: Правда и ред, борба со корупцијата и криминалот, квалитетно здравство, повисок животен стандард, стабилни услови за бизнис и високо платени работни места, достоинствена социјална помош, здрава животна средина. Посака 2021 да ни донесе надеж и извесност и дека новогодишните и божиќните празници треба да се поминат во кругот на блиските, одговорно и со почитување на препораките.

Во својата новогодишна честитка претседателот на Собранието на РСМ Талат Џафери на сите граѓаните во Новата 2021 година им посака сѐ најдобро на индивидуален и фамилијарен план, надминување на состојбата со пандемијата и остварување на стратешката цел-членство во ЕУ.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека 2020 година не треба и не можеме да ја заборавиме.

„Се соочивме со нешто што целосно ни ги измени животите и нé исправи пред предизвикот да научиме дека можеме да живееме поинаку, да сакаме поинаку, да се грижиме повеќе, да бидеме солидарни и сплотени повеќе oд кога било, во една единствена цел-победа на вирусот. Сепак, оваа година имаше и убави нешта. Ја направивме првата трансплантација на срце во историјата на нашата земја, на свет дојдоа близу 20.000 новороденчиња, обновивме оддели и установи, го почнавме процесот за енергетска ефикасност на здравствените објекти, поставивме монтажни болници и друго“, рече тој.

Додаде дека влегуваме во 2021 со верба дека ќе биде многу подобра година од претходната, со вакцината која влева надеж за целото човештво и е најсилното оружје во борбата со вирусот.

„Ако нешто нé научи оваа 2020 година, тоа е дека здравјето, семејството и најблиските се највисоките животни приоритети. Затоа, оваа година да прославуваме поинаку. Да останеме дома и да ги оставиме големите прослави за некои други, посигурни времиња. Така, секој од нас ќе даде свој придонес во борбата, секоја следна година да ни биде поубава од оваа“, посочи Филипче.

Честитки до граѓаните по повод новогодишните празници упатија и лидерите на ДУИ, Али Ахмети и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...