fbpx

Плановите на ЕУ за 2021 година – амбиција со внимателност

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска, Јорданова, Институт за европска политика

-

Да се осврнеме најпрвин на долгорочната рамка на планирањето во ЕУ. Првпат оваа година трите институции – Европскиот парламент, Советот и Комисијата донесоа заклучоци за подолгорочните политички цели – за периодот 2020-2024.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Целите се на линија на Стратешката агенда на Европскиот совет од 2019 година за овој политички мандат на европските институции, со една значајна додавка: целосното закрепнување од кризата предизвикана од Ковид-19, кој стана прв приоритет.

Другите цели одговараат на оние во Стратешката агенда: заштита на граѓаните и слободите; развој на силна и издржлива економија; изградба на климатски неутрална, зелена, фер и социјална Европа; и унапредување на европските интереси и вредности на глобалната сцена.

Да се свртиме кон плановите и приоритетите за 2021 година. Тие беа нагласени во годишното обраќање на претседателката на Комисијата Фон дер Лајен, натаму разработени во Работната програма на Комисијата и потврдени со Дeкларацијата на трите институции на ЕУ за законодавните приоритети во 2021 година. Одвојуваме некои од нив.

1. Спроведување на „Европскиот зелен договор“

Покрај генералната ревизија на законодавството за клима и енергија, со цел емисиите да се намалат за 55 отсто до 2030 година во споредба со 1990 година, се планира и „механизам за гранично приспособување на јаглеродот“, со кој треба да се спречи односно контролира „увозот“ на јаглеродно загадување во ЕУ. На ревизија ќе подлежи и законодавството за „мудар транспорт“ и транспортни мрежи. Ќе се спроведува Планот за циркуларната економија, особено преку собирање и повторна употреба на електронски уреди. Други полиња на дејствување се животната средина – особено зачувувањето на биодиверзитетот, како и безбедноста на храната, со фокус на иновативни решенија кои нема да ја деградираат животната средина.

2. Обликување на европската дигитална агенда

Ќе се предложат цели за Европската дигитална декада – во поглед на поврзаноста, вештините и дигиталните јавни услуги. Приоритет ќе биде и регулирањето на аспектите на вештачка интелигенција, како и воспоставувањето европски дигитален идентитет. Доколку не биде постигнат договор на меѓународно ниво за оданочување на дигиталните услуги, ЕК планира предлог за посебна давачка. Ревизија се предвидува и на правилата за конкуренција, како и ажурирање на индустриската стратегија, за да се земат предвид последиците од Ковид-19, но и ново законодавство за заштита на работните услови на луѓето кои обезбедуваат услуги преку платформи.

3. Клучна цел на приоритетот „Економија за граѓаните“ е здравствената и економската криза да не се преточи во општествена криза. На преден план е ставено спроведувањето на „Европскиот столб за социјална права“. Повторно како лекција од кризата предизвикана од Ковид-19, се предвидува ревизија на законодавството за безбедност и здравје на работа, но и акциски план за социјална економија. Се очекува финансиска поддршка на економиите, но со внимание на фискалната одржливост. Натамошното продлабочување на економската и монетарната унија се предвидува во областите на капиталните пазари и банкарската унија. Комисијата планира и законодавство за корпоративна одговорност, како и востановување на стандард за Европска зелена обврзница.

4. За „Посилна Европа во светот“ Комисијата ќе се посвети на јакнење на улогата на ЕУ во мултилатерализмот (реформи на СЗО, СТО).

Се најавува обнова на партнерството со јужното соседство. Се очекува и нов стратешки пристап за поранешните учесници во кризни жаришта, како и коминике за хуманитарната помош. Заклучоците, пак на трите институции од декември 2020 година, веднаш реагираат на претседателските избори во САД со поставување на трансатлантската соработка како приоритет.

5. Амбициозен е приоритетот на Комисијата под наслов „унапредување на нашиот начин на живот“.

Тука е сместен предлогот за зајакнување на рамката на ЕУ за прекугранични здравствени закани, со основање агенција за биомедицински напредни истражувања и развој. Нова стратегија се планира за Шенген. Сепак, клучна во овој
приоритет е операционализацијата на новиот Пакт за миграција и азил. Интересно е што во рамките на легалната миграција се предвидува пакет за „талент и вештини“, додека оваа година се предвидени и акциски пакт против шверцувањето мигранти и стратегија за доброволно враќање и реинтеграција.

Приоритет е и борбата против организираниот криминал и против тероризмот, а се предвидува и посебна стратегија за борба против анти-семитизмот.

6. Јакнењето на демократијата и заштитата на европските вредности веќе се покажа како жежок камен.

По извештаите за владеењето на правото, во постапка е Акцискиот план за демократија на ЕУ, а идната година се очекуваат и предлозите на стратегиите за правата за попреченост и за децата. ЕУ сѐ уште не е членка на Истанбулската конвенција, но како приоритет се поставува нов предлог за борба против родово засновано насилство.

Нов предлог се очекува и за финансирање на европските партии и транспарентност на платените кампањи. Значаен приоритет се и мерките за заштита на новинарите и граѓанското општество од стратешки тужби против јавно учество – понова закана на европскиот континент.

Комисијата предвидува и проценка на состојбите во регионите, особено по Ковид-19, како и развој на долгорочна визија за руралните региони. Токму во светло на посткризната ситуација, уште повеќе се нагласува потребата од донесување одлуки засновани на докази и солидни проценки на влијанието на регулативата, а се најавува и нова иницијатива за намалување на административниот товар.

Конечно, се нагласува потребата од спроведување и извршување, во соработка со државите членки. И програмата на Триото – претседателствата на Германија, Португалија и Словенија ја следи логиката на Стратешката агенда, секако модифицирана со последиците на Ковид-19.

Откако германското претседателство ја заврши работата со усвојувањето на повеќегодишниот буџет на Унијата, вклучително и одговорот на кризата предизвикана од Ковид-19, како и конечниот договор за Брегзит, Португалското претседателство декларираше три приоритети. Тоа се: европската обнова, помогната со климатските и дигиталните транзиции; спроведување на социјалниот столб и јакнење на европската стратешка автономија. Тие се понатаму разработени во пет насоки, но сѐ уште не и во целосна програма на Претседателството. Во досега објавените документи на Португалското претседателство нема посебни заложби за Западниот Балкан.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...