Фото: Арбнора Мемети

Бруто домашниот производ, БДП, во третото тримесечје од годинава отиде во минус од 3,3 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика, ДЗС.

„Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2020 година, номинално опадна за 1,4 отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто домашниот производ изнесува 66 отсто“, соопштија од ДЗС. Додаваат дека во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се намалил за 6,8 отсто, а увозот забележал намалување од 3,2 отсто.

Најголем раст на БДП во третото тримесечје од оваа година има во секторите земјоделство, шумарство и рибарство од 5,2 отсто, во градежништвото, 3,4 отсто и во секторот информации и комуникации од 3,3 отсто.

Последниов пад на БДП е значително помал во споредба со оној од второто тримесечје од годинава, кога статистиката пресмета минус од 12,7 отсто. Тогаш финалната потрошувачка на домаќинствата беше намалена за 9,9 отсто и нејзиното учество во структурата на БДП изнесуваше 70,6 отсто, додека извозот на стоки и на услуги беше паднат за 32 отсто, а увозот за 30,2 отсто.

Пред почетокот на корона кризата, стапката на раст на БДП во првото тримесечје од 2020 година беше минимална и изнесуваше 0,2 отсто.

Светска банка во редовниот економски извештај од октомври годинава за земјите на Западен Балкан, за РСМ предвиде пад на БДП од 4,1 отсто за оваа година, раст од 3,6 отсто за наредната и од 3,5 отсо во 2022 година.