Русија не е најсилна економија во Европа

Со недостатокот на целиот контекст, донесен е заклучок дека Русија е најсилна економија во Европа и петта најсилна економија во светот што не е вистина. Доколку не се претстават сите параметри и начини на пресметување на БДП, се добива изместена слика

Фото: Artem Beliaikin on Unsplash

Рускиот претседател Владимир Путин даде изјава во која манипулативно тврди дека Русија е најсилната економија во светот. Она што ја прави изјавата на Путин манипулативна е недостатокот на целокупниот контекст, бидејќи јачината на една економија не се мери само преку бруто домашниот производ (БДП) според ППП (Паритет на куповна моќ). Тој параметар е само еден показател, односно еден начин на претставување на БДП од кој се добива изместена слика ако не се кажат и другите начини на претставување на БДП, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук споделува изјава од рускиот претседател Владимир Путин, во која тој тврди дека Русија е најсилната економија во Европа. Притоа, во објавата се тврди дека во Германија и другите држави е хаос, а Русија е економски најјака држава. На оваа објава ѝ недостасува контекст, таа не ја претставува реалната слика на економиите, туку прави манипулација со параметрите со коишто се одредува економската моќ на одредена земја.

ДА, ДАААААА !

РУСИЈА СТАНА НАЈАКА ЕКОНОМСКА ДРЖАВА ВО ЕВРОПА.

Војната со Украина и санкциите што ЕУ ги воведе против Русија, економски ги погоди самите членки на ЕУ.Бо Германија и другите држави е хаос.Германоја веќе нее е најака економска сила.Русија сега е економски најака држава во Европа.

Пред неколку денови рускиот претседател Путин даде изјава во која тој говори дека Русија ја престигна Германија и стана петта економија во светот и прва во Европа. Ова го пренесоа неколку медиуми и се споделува и на социјалните мрежи, без притоа да се објасни целиот контекст. Путин во својата изјава говори за само еден од економските параметри на Русија, а тоа е паритет на куповната моќ.

Паритет на куповна моќ (ППП) е популарна метрика за макроекономска анализа која се користи за споредба на економската продуктивност и животниот стандард помеѓу земјите. ППП вклучува економска теорија која ги споредува валутите на различни земји преку пристапот „кошница на стоки“. Односно, ППП е девизниот курс по кој валутата на една нација би се претворила во друга, за да се купат исти количини на голема група производи.

Пресметките коишто ги коментира Путин се според ППП (Паритет на куповна моќ), а не според износот односно БДП (Бруто домашен производ).

Токму затоа, според овие пресметки и Кина е пред САД, иако САД имаат поголем БДП во пари, но бидејќи цените во САД се повисоки во просек, со БДП-то на Кина може да се купат повеќе производи и услуги.

Од оригиналната изјава на Путин, објавена од руската државна новинска агенција ТАСС, не може да се увиди како и врз база на кои податоци тој го донел овој заклучок, ниту, пак, за кој временски период се однесуваат. Не е цитирана ниту една финансиска организација, ниту, пак, тој нуди бројки коишто може да се анализираат. Тој само говори дека податоците се однесуваат на односот на БДП по паритет на куповната моќ.

Но податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) не го потврдуваат тоа што го говори Путин. Имено, ММФ мери бруто домашен производ врз основа на паритетот на куповната моќ и според неговите податоци за 2023 година Русија не е пред Германија и не е најсилната економија во Европа.

Имено, според ММФ, во 2023 година, Русија имала 5,05 милијарди интернационални долари, Германија имала 5,53 милијарди, Јапонија имала 6,49, Индија имала 13,11, САД имале 26,94, Кина имала 32,89. (Напомена: валутата „интернационални долари“ не постои, туку таа претставува единица мерка креирана од ММФ, во која е вкалкулиран паритетот на куповната моќ и се користи со цел да можат да се прават споредби меѓу различни земји.)

До она што го говори Путин, најблиску се податоците на Светска Банка, но за 2022 година. Според тие податоци, навистина Русија е едно место над Германија со мала разлика. Имено за 2022 година Светска Банка измерила дека Русија имала 5,326 милијарди долари, а Германија 5,309 милијарди долари.

Она што е важно да се истакне и што ја прави изјавата на Путин манипулативна, а со тоа и објавата што ја рецензираме, е недостатокот на контекст, бидејќи јачината на една економија не се мери само преку ППП (Паритет на куповна моќ). Кога ќе се каже паритет на куповна моќ, се зема предвид колку производи и услуги можат да се добијат за парите што циркулираат во една држава. Сите кога патуваме во странство, гледаме дека цените во другите земји можат да бидат различни, некаде пониски, некаде повисоки. И пресметката на БДП според паритетот на куповната моќ ги зема предвид овие разлики во цените од земја до земја. Но, ова не се однесува на сите цени. Има производи чии цени се многу слични на глобално ниво. Таков е случајот со автомобилите, со компјутерите, мобилните телефони, берзанските добра (метали, нафта и нафтени деривати, прехрамбени производи со кои се тргува на берза како пченица, пченка, јачмен, соја, ориз, итн). Понатаму, не значи дека ако во некоја земја БДП е понизок дека сите производи и услуги ќе бидат со пониски цени или берзански цени. Во посиромашните земји има и такви производи и услуги, кои се и поскапи од истите во развиените земји затоа што можеби побарувачката за нив е помала.

Ова е само еден показател, односно еден начин на претставување на БДП од кој се добива донекаде изместена слика, ако не се кажат и другите начини на претставување на БДП. На пример, претставувањето на БДП по вкупен износ е далеку повообичаен начин и многу повеќе се користи. Според него, Русија во никој случај не е најсилната економија во светот, ниту е пред Германија. Исто така, вообичаен начин на претставување на БДП е неговиот износ по жител.

БДП или бруто домашниот производ е проценка на вкупната вредност на готовите производи и услуги произведени во границите на една земја во одреден период, обично една година. БДП популарно се користи за да се процени големината на економијата на една земја и нејзиното влијание врз глобалната економија.

Податоците на Светска Банка за 2022 година, според БДП, потврдуваат дека прва земја во светот е САД со 25.463 билиони (илјади милијарди) долари како БДП, па Кина со 17.963 билиони долари на второ место, на трето место е Јапонија со 4.231 билиони долари, па следува Германија како најсилна економија во Европа на четврто место со 4.072 билиони долари, на петто место е Индија со 3.385 билиони долари. По неа следуваат Велика Британија (3.071 трилиони долари) и Франција (2.783 трилиони долари) на шесто и седмо место. Дури после нив, на осмо место следува Русија со 2.240 трилиони долари.

Според овие податоци, Германија е најсилната економија во Европа, потоа се Велика Британија и Франција пред Русија.

Понатаму, уште еден од највообичаените начини на прикажување на јачина на една економија е според БДП по жител. БДП по глава на жител е номиналниот БДП поделен со бројот на луѓе во една земја. БДП по глава на жител мери колку економијата на земјата произведува по лице, наместо вкупно. Ова, исто така, може да дејствува како многу груба мерка за приход или стандард на живеење за поединци кои живеат во една земја.

И ако се погледнат податоците на ММФ за бруто домашниот производ по жител, Русија е далеку од петте земји со највисок БДП или најсилна во Европа. Според нив, Кина има БДП од 12,541 долари по жител, Јапонија има 33,950 долари по жител, САД има 80,412 долари по жител, Индија има само 2,612, додека Германија бележи 52,823 долари по жител. А, за разлика од Германија, Русија има само 13,006 долари по жител. Пресметката е во долари според актуелниот курс на националните валути и според актуелните цени. (За илустрација, С. Македонија има 7,672 долари по жител), а овие податоци на ММФ се најнови кои стојат на располагање и се заклучно со октомври 2023 година. Секогаш кога во медиумите ќе забележите податоци за тоа колкав е нејзиниот БДП по жител, станува збор за овие податоци.

Економиите на Германија и Русија не се ниту приближно исти, а уште помалку е вистина дека Русија предничи на економско поле. Споредбените податоци на Светска Банка за двете земји покажуваат дека Германија е далеку посилна економија од Русија и тоа по повеќе параметри.

Западните медиуми, и најголемите економски и финансиски магазини воопшто ја немаат пренесено оваа изјава на Путин за да не ги шират неговите намерни манипулации. Британскиот медиум Дејли Експрес ја пренесува изјавата на Путин но со наслов „Заблудениот Путин тврди дека Русија е најголемата економија во Европа и покрај огромните санкции“.

Според сите економски податоци и параметри заклучуваме дека Путин, а потоа и медиумите и корисниците на социјални мрежи коишто ја споделиле неговата изјава прават манипулација на јавноста.

Со недостатокот на целиот контекст, донесен е заклучок дека Русија е најсилна економија во Европа и петта најсилна економија во светот што не е вистина. Доколку не се претстават сите параметри и начини на пресметување на БДП, се добива изместена слика.

Во овој случај се прави таканаречена “pick and choose” манипулација кога станува збор за статистика. Се зема само еден показател, кој покажува изместена слика, се прикриваат другите, кои, ако би биле покажани би дале покомплетна и пообјективна слика. Вака, како што е прикажано, е крајно манипулативно и затоа оценуваме дека во оваа објава има недостаток на контекст.

hubmk