Поради густата магла во Скопје и во околината, отежнат е патниот и авиосообраќајот. На скопскиот аеродром „Александар Велики“, според податоците објавени на интернет-страницата на аеродромот, поради намалената видливост, не се реализирани летовите од и за Истанбул, како и полетувањата за Загреб и за Барселона.
Од Автомото-сојузот на Македонија (АМСМ) соопштуваат дека магла со видливост од 50 до 100 метри има на патните правци Тетово, Скопје и Катланово.
Сообраќајот на патиштата се одвива во зимски услови по на места влажни коловози.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и во засеците можна е почеста појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.