Осум лица загинаа, а 11 се повредени откако маж со камион влета на велосипедска патека на Менхетан, соопшти полицијата.
Инцидентот се случил неколку блокови од споменикот на жртвите на терористичкиот напад на Светскиот трговски центар, а напаѓачот е идентификуван како Сајфуло Саипов, 29-годишник од Узбекистан.

Саипов, кој дошол во САД во 2010 година и оттогаш живее во Флорида, со камионет влетал на велосипедската патека, газејќи пешаци и велосипедисти, а потоа во улицата Чемберс се судрил со училиштен автобус, при што повредени се двајца возрасни и две деца. По судирот, Сиапов излегол од возилото носејќи в раце нешто што наликувало на два пиштола, по што полицаец го застрелал во пределот на стомакот. Полицијата потоа кај него пронашла лажен пиштол и пиштол за игра.

Нападот се третира како терористички чин, а полицијата засега смета дека Узбекистанецот дејствувал сам.
Гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, изјави дека нема докази дека станува збор за заговор од пошироки размери.