Иако се изминати повеќе од девет години од последниот рок во кој согласно Законот за домување сопствениците на станови беа должни да определат управител или да регистрираат заедница на сопственици, загрижува што дел од градоначалниците на општините сé уште немаат назначено општински инспектори за домување, а и во тие општини каде што има назначено инспектори, тие не постапуваат согласно нивните законски обврски, укажуваат од Регулаторната комисија за домување во извештајот за второто полугодие од 2020 година.

„Во Република Северна Македонија според доставените податоци од страна на
општините постојат само 4 инспектори за домување. Повеќе од очигледен е
фактот дека има недостаток на инспектори за домување во општините во
Македонија“, се вели во извештајот.

Во него, се потенцира дека со тоа се доведува во прашање функционирањето на Законот за домување.

„Исто така, Регулаторната комисија за домување има сознание дека ретко која
од општините има востановено регистар на станбени згради и станови и регистар на управители на станбени згради. Регулаторната комисија за домување потсетува дека во Законот за домување има законска можност општинските инспектори за домување да излезат на терен. Доколку утврдат дека во некоја станбена, станбено-деловна или деловностанбена зграда се уште нема регистрирано заедница на сопственици или нема ангажирано управител, можат и се должни да преземат иницијатива и да достават предлог до судот во одделот за вонпарнична постапка за донесување на одлука за назначување на принуден управител од страна на судот која ја заменува одлуката на сопствениците на посебни делови и договорот за заемни односи“, пишува во извештајот.

Од комисијата информираат дека вкупниот број на станбени згради кои се управувани од страна на управител или на заедница на сопственици на крајот на 2020 година изнесува 6.829.

„Во периодот од 01 јули до 31 декември 2020 година, забележан е благ пад
на бројот на регистрирани заедници на сопственици. Според податоците добиени од Централниот регистар на Република Северна Македонија, до средината на месец декември 2020 година има регистрирано вкупно 2.730 заедници на сопственици. Исто така и бројот на згаснати заедници на сопственици има забележителен пораст и истиот за овој период изнесува 849 заедници“, се вели во извештајот.

Во последниве шест месеци има забележителен пораст на бројот на
станбени згради кои се управувани од лиценцираните управители и нивниот број сега изнесува 4.099 (со вкупно 95.132 посебни делови односно станови и деловни простории).

„Исто така, забележан е пораст и на бројот на посебни делови односно
станови и деловни простории, за разлика од второто полугодие во 2019 година
кога тој број изнесуваше 3.783 (со вкупно 87.214 посебни делови односно станови и деловни простории) што значи дека има значително зголемување на бројот на посебни делови односно станови и деловни простории кои се управувани од страна на лиценцирани управители. Постои тенденција на бришење на заедници на сопственици на посебни делови а зголемување на бројот на ангажирање на управители“, констатираат од Регулаторната комисија за домување.