Објави на фејсбук шират дезинформација дека со новиот декрет на Путин, Алјаска, Балтичките држави, Тибет и други територии што историски ѝ припаѓале на СССР и Империјална Русија ќе бидат преземени назад. Лажната вест тргнува од ЕССАњуз (Полска), па се шири на Балканот и на крај пристигнува во Македонија. Точно е дека на 18.01.2024 година Путин потпишал декрет за управување со имот надвор од границите на Руската Федерација. Но, во него не се спомнува ниту една земја и територија, ниту дека истите Путин „ќе ги врати назад“, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Во две објави на социјалната мрежа Фејсбук (1, 2) се тврди дека Путин потпишал декрет со што ќе се врши истрага, регистрација и преземање на бивши територии.
Во едната од објавите пишува:
Путин потпиша председателски декрет со кој се одделува буџет за претрага, регистрација и превземање на имовината на Руската империја од земјите надвор од Русија, вклучувајќи ја Алјаска, Војводството Финска, Азербејџан, Туркменистан, Украина и делови на Полска, Германија, Балтичките држави и Централна Азија.
Путин рече дека тапијата за продажба на Алјаска на Америка е неважечка.
Во неколку наврати Вистиномер пишуваше за тоа како руските дезинформации патуваат до нашите социјални медиуми. Овојпат она што првично се појави како вест од Русија, се преобрази во дезинформација по пристигнувањето на полската почва и се прошири понатаму низ Балканот, демонстрирајќи го глобалниот дофат и последиците од лажните наративи.
Прво, точно е дека на 18.01.2024 година Путин потпишал декрет за управување со имот надвор од границите на Руската Федерација. Но, во него не се спомнува ниту една земја и територија, ниту дека истите Путин „ќе ги врати назад“. Ден подоцна на 19.01.2024, државната руска новинска агенција ТАСС извести за овој декрет, но тие само пренесуваат дека ќе се доделат средства на Одделението за странски имот на Административната управа на претседателот на Руската Федерација.
Полскиот портал ЕССА Њуз на 21 јануари ја објавува веста за декретот, од каде всушност почнува да се извртуваат фактите. Наредниот ден веста се шири на социјалните медиуми на Балканот. Прво во Србија и Хрватска, па во Босна и потоа и во С. Македонија. Лажната вест, како расипан телефон, се менува, но централната идеја продолжува да се шири во наредните денови на Фејсбук.
Како што пишуваат колегите од Снупс, во самиот декрет никаде не се споменува дека Алјаска, или која било друга територија која претходно била во сопственост на Русија, била продадена „нелегално“. Ниту, пак, дека која било територија ќе била побарана назад базирано на тие „нелегални“ продажби. Според истражувачкиот тинк-тенк Институт за проучување на војни, точните параметри за тоа што претставува сегашна или историска руска сопственост се нејасни. А, дека крајната цел може да биде внатрешна дестабилизација преку користење на „мека моќ“ во земјите од Советскиот Сојуз.
Друга можна причина е тоа што неколку дена пред потпишување на декретот, германскиот министер за одбрана сподели сценарио како НАТО би било инволвирана во конфликт со Русија. И токму во фокус беа Белорусија и руската ексклава Калининград. А, во деновите кога се ширеа лажните вести за декретот, Путин направи ненадејна посета токму во Калининград.
Што и да е причината за потпишување на декретот и посетата на Калининград, едно е јасно – војната со дезинформации никогаш не спие.