„Новите деца во градот“ – денеска во „Буква“ прва поетска средба на млади поети

Во кафе-книжарницата „Буква“ денеска со почеток од 20:30 часот ќе се случи првата поетска епизода насловена како „Новите деца во градот“. Станува збор за нов концепт на поетски средби на млади, во обид да се збогати културната содржина на Скопје и да се чита убава поезија.

Своја поезија ќе прочитаат поетите Павлина Атанасова, Марија Велинова, Благица Трајкоска, Ива Петреска, Софија Тодороска, Андреј Ал-Асади и Сатја Александар Давитков. Настанот ќе го модерираат младите поети Ивана Јовановска и Андреј Медиќ Лазаревски.

„Секој настан ќе има флуиден карактер и поинаква тема. Идејата на настанот е младите поети активно да пишуваат, да развиваат интерес за поезијата и да се охрабрат погласно и посмело да читаат“, најавуваат организаторите за поетските епизоди што ќе следат во наредниот период.

„Со микрофон, да се охрабриме погласно и посмело да читаме, оваа поетска епизода ја создаваат овие нови деца во градот“, се вели во најавата.