Новиот „Сноуден“ и Договорот за автопатите со „Бехтел и Енка“ го одбележаа април во (дез)информациска смисла

Но, вистината може да се види само ако се презентира договорот, за што премиерот Димитар Ковачевски чека повик од Собранието пред пратеници со безбедносен сертификат

-

Протекувањето на огромен број доверливи документи од американските институции, откриено во април, како и деталите од Договорот за изградба на автопатско решение на Коридорите 8 и 10 д, беа теми од кои извираа најмногу информации и дезинформации во македонскиот медиумски простор во текот на април. Покрај ова,  продолжија и стандардните дезинформациски наративи пред сè од Москва, а кои се поврзани со агресијата врз Украина, но и дезинформациите за вакцините, за 5 Г технологијата, итн., пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Информациите и дезинформациите околу протекувањето на доверливи американски документи од неколку институции го одбележаа април во таа насока, а за само неколку недели се дозна многу повеќе и за пропустливоста на американските институции и за порозноста не само на сојузниците, туку уште повеќе и на стратегиските противници, каква што е Русија.

Протекувањето, според првичните откритија на американските медиуми започнало уште на крајот на февруари. Првата транша документи била објавена на 28 февруари, а втората на 2 март. Десет дена подоцна веќе беше уапсен осомничен за протекувањето на податоците, а уште десет дена подоцна против него беа покренати и обвиненија. Станува збор за припадник на Националната гарда на американската армија 21-годишниот Џек Тешеира, кој, како што утврдија медиумите ниту е свиркач (од типот на Сноуден), ниту е руски шпион, туку конзервативец, политички десно ориентирана личност, која била прилично скептична кон политиката на САД, вклучувајќи ги и воените операции во кои учествува земјата.

Она што е загрижувачко за САД и за сојузниците е откритието од крајот на април дека протекувањето, всушност траело многу подолго од првичните заклучоци дека тоа се случувало во последните неколку месеци. Документите протекувале во затворената група од самиот почеток на војната во Украина и таа затворена интернет група воопшто не била мала, туку броела околу 600 лица.

Штетата е огромна, како за САД, така и за сојузниците кои биле следени и проценувани, но и за други земји кои се најдоа во неповолна позиција, како што е Србија, за која од документите произлегува дека не е докрај воено неутрална.

Новиот Сноуден, сепак не е Сноуден – уапсениот и обвинетиот за протечените информации, гардистот Тешеира. Фото:Твитер/Порталб

Дезинформации преку изменети документи

Првичните оценки беа дека можеби станува збор и за обид за дезинформации и за разузнавачки игри, особено на руското разузнавање, бидејќи некои од документите биле изменети.

Дојче Веле на македонски јазик во понеделникот (10.04.2023) објави детали за повеќе аспекти на аферата. Меѓу другото, ДВ пишува дека барем дел од документите се манипулирани, иако генерално сè уште не е расчистено ова прашање:

Нејасно е дали сите објавени документи се оригинални. Според телевизијата „Си-Ен-Ен”, соработници на американската влада генерално го потврдиле тоа, но „Вашингтон пост” кој исто така се повикува на информации од властите, тврди дека дел од документите се изменети. Тоа оди во правец на заклучоците од истражувачката мрежа „Белингкет” чии експерти успеале да докажат дека барем дел од документите содржински се отпосле манипулирани, пишува ДВ.

Захарова со лекции по демократија

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи (МНР), Марија Захарова, која на 28 март 2023 г. во својот коментар за протерувањето на петте руски дипломати од Северна Македонија  најави дека Русија ќе биде принудена да преземе реципрочни мерки, во првата недела од април се јави повторно со дезинфо наративи типични за Москва.

Станува збор за реакции околу уапсениот американски новинар во Санкт Петерсбург, конкретно на изјава на Жезеп Борел, при што Захарова возврати со лекции за демократија, за ЕУ и за Западот генерално.

Вториот дезинфо наратив се (заканите), реакциите на Москва по приемот на Финска во НАТО.

Повеќе може да се прочита во проширената информација за овие дезинфо наративи на „Вистиномер“.

Русија се стави на „браникот“ на  Повелба на ООН

Уште еден дезинформациски наратив, сличен на видените од почетокот на  војната во Украина е обидот на Русија да се претстави како бранител на Повелбата на народите на ООН, еден од клучните документи што е извориште на меѓународното право. Русија, која овој месец претседава со Советот за безбедност на ООН, се реши во дипломатска мисија во Њујорк привремено да го испрати шефот на дипломатијата Сергеј Лавров кој го свика Советот на состанок на тема „Ефикасен мултилатерализам преку одбрана на принципите на Повелбата на ОН“.

Се работи за тоа како ќе се градат меѓународните односи во иднина – со градење цврст консензус заснован на балансирање на интересите, или со агресивно и непредвидливо туркање на надмоќта на Вашингтон, изјави Лавров, пренесува ДВ.

Самиот наслов на темата е циничен и е далеку од вистината, гласат дел од критиките.

Со планирањето на оваа дебата Русија се обидува да се претстави како бранител на Повелбата на Обединетите Нации и мултилатерализмот. Ништо не може да биде подалеку од вистината. Тоа е цинично, изјави претставникот на ЕУ во ООН Олоф Скоог.

Повеќе за ова може да се прочита во освртот на ДВ од 25.04.2023 г. на македонски јазик.

Лавров со таквите проблематични од аспект на вистината или целосно деинформациски наративи продолжи и на 26 април со тврдење дека НАТО сакал да ја уништи Русија, но наместо тоа ја обединил, дека некој сака Трета Светска Војна, што се класични наративи од Москва откако почна агресијата врз Украина. Овие тврдења беа координирано поткрепени и со изјави од поранешниот руски претседател и премиер Дмитриј Медведев, еден од главните пропагандисти на Кремљ и член на тесниот круг на луѓе околу претседателот Владимир Путин. Тој продолжи со приказните дека Русија се бори против НАТО во Украина и дека светот е блиску до Трета Светска Војна.

 

Договорот со „Бехтел и Енка“ – индуктор на дезинформации

Договорот за изградба на автопатите од Коридорите 8 и 10 д потпишан меѓу Владата и  „Бехтел и Енка“ се покажа како главен индуктор на дезинформациите во домашниот инфо простор. Иако договорот беше потпишан уште на почетокот на март годинава и иако во меѓупросторот од потпишувањето до почетокот на април јавноста беше преокупирана со информациите за многу недоследности при изборот на фирми што го вршат надзорот и кои се финансиски консултанти на Владата околу самиот договор (конзорциумот ИРД), од 10 април фокусот се префрли на делови од самиот главен договор.

Имено во собраниска процедура тој ден влегоа предлози за измени на 8 закони поврзани со реализација на договорот, меѓу кои најконтроверзен се покажа предлогот за измени на Законот за работни односи, кои се однесуваат на можноста за продолжено работно време во текот на една недела од 40 до 60 часа. Оттогаш, до крајот на април не престанаа два главни наратива преку кои се (дез)информира јавноста. Оној на опозицијата, пред сè на ВМРО-ДПМНЕ, со кој во основа се тврди дека во договорот има исклучително штетни делови по интересите на РСМ (со криминално-коруптивна позадина), и оној на Владата и на владејачките партии, дека ВМРО-ДПМНЕ (нејзини претставници) е главен извор на дезинформации и за оваа тема, дека од партијата шират хистерија и лаги,а дека со договорот е сè во ред. Вистиномер  анализираше во рубриката Контраспин дел од овие дилеми на средината на април.

Дека за многу работи во овој договор се дезинформира, тоа е несомнено. Но, главен проблем за утврдување на индикатори што е вистина, а што е лага, е тоа што договорот има степен на доверливост и тајност на којашто се согласила Владата со „Бехтел и Енка“ на нивно барање. Па така, до скоро, Владата цврсто стоеше на ставот дека освен Обвинителството никој нема  право да го види договорот, за потоа, под притисок на јавноста и на опозицијата да се согласи дека ќе биде презентиран во Собранието на РСМ, но само пред пратеници што имаат безбедносен сертификат.

Од потпишување на Договорот на 8.март. Фото: Влада на РСМ/веб

Овој случај кој продолжува со аргументи и (дез)информации на власта и на опозицијата, е школски пример за тоа како не се брани интересот на јавноста и на државата во целина, при што клучен елемент во целата таа борба, вклучувајќи ја и борбата против дезинформациите, е транспарентноста, којашто во овој случај во голем дел изостана.

Последните епизоди од крајот на април повторно ја отвораат дилемата околу вистинитоста на информацијата за која првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека е составен дел од договорот, а тоа е, дека Владата на име на „пенали“ наскоро треба да им исплати на „Бехтел и Енка“ 53 милиони евра, зашто во рок од 45 дена од потпишувањето на договорот не е сменет Законот за работни односи во делот на 60 часовна работна недела. Врвот на партијата, исто така, тврди дека автопатите ќе чинат над 2 милијарди евра, дека ќе се градат и до десет години и дека вкупните давачки надвор од цената на изградба ќе бидат 300 милиони евра за компанијата, со се пеналите од 53 милиони евра (повеќе на линкот на Тајм.мк). Наспроти ова, Артан Груби, координатор на реализација на проектот за изградба на Коридорот 8, зборувајќи за овој проект пред претставници на Стопанската комора на Македонија  тврди дека нема да биде проневерен ниту денар од проектот.

Ако се проневери еден денар од овој проект или ако се корумпира било кој од политичарите, да скапеме во затвор, вели Груби.

Но, вистината може да се види само ако се презентира договорот, за што премиерот Димитар Ковачевски чека повик од Собранието пред пратеници со безбедносен сертификат. Нема никакви најави дали договорот би можеле да го добијат и од Антикорупциската комисија, чија претседателка Билјана Ивановска се надева на тоа, бидејќи и формално отвориле предмет околу надзорот.

* * *

Другите дезинформации коишто кружеа во медиумскиот простор беа во делот на социјалните медиуми, при што можеа да се сретнат измами од типот дека Ајфон може да се купи за 125 денари, дека  Филипс нуди фритеза за 2 евра, дека 5 Г технологијата е оружје за масовно уништување, дека Украина повикувала бездомници да војуваат за Киев, дека Македонец бил прогласен за најдобар стрелец од генералите на Путин, како и повеќе други „фејкови“ и за вакцините и за Агенда 30 итн. Сите овие дезинформации беа разобличени во рецензии во рубриката на Вистиномер, Проверка на факти во текот на април 2023 година.

 

 

***

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

„Токио Гејм Шоу“ се одржа минатиот викенд

Минатиот викенд се одржа овогодишното издание на „Токио Гејм Шоу, можеби настанот со најинвентивни идеи од светот на видео-игрите. Оваа година целата манифестација пријатно ги изненади сите гејмери ширум...