fbpx

Груби: Наместо милијарда евра за стиропор и споменици, вложуваме средства во автопати

Груби рече дека во неколку наврати се сретнал и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

-

Наместо 1 милијарда евра кои претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ ги потроши на стиропор и споменици, актуелната власт таа милијарда ќе ја даде на автопати за да ги спои граѓаните. Ова го изјави првиот вицепремиер Артан Груби на денешната конференција „Бехтел и Енка – можности, предизвици и одговорности“. Тој рече дека во неколку наврати се сретнал и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Тој исто така се сретна и со претставниците на Бехтел и Енка. Јас исто така се сретнав и со Владо Мисајловски, поранешен министер за транспорт и врски. Со Александар Николоски во врска со специјалниот закон и другите законски измени. Сите се согласија дека се потребни и дека имаат нивни предлози за подобрување на законските решенија но никогаш не ни ги доставија“, изјави Груби.

Артан Груби додаде дека Мицкоски дал недвосмислена поддршка за специјалниот закон, со тоа што направил кворум на седницата и не гласал против законот.

„Исто така, откако се формираше комитетот јас повторно се сретнав со него и му понудив да бидат дел од проектот, преговорите и управувачкиот комитет како што е одлуката на Владата при што рече: „Терајте си ја вие работата, ваш проект е, потпишете го и да одиме на предвремени избори““, вели Груби.

Вицепремиерот информираше дека камен-темелникот на автопатот Прилеп-Битола на Коридорот 10д ќе биде поставен на 12 мај годинава, а работата за изведба на градежните работи на Коридорот 8 веќе е започната на 22 април. Тој вети дека за 57 месеци ќе се градат четирите автопати на Коридорите 8 и 10Д во должина од 109 километри, што ќе биде четири пати побрзо во однос на времетраењето на досегашната изградбата на патиштата во земјава.

Груби денеска повтори дека домашните компании ќе имаат корист од нивниот ангажман во текот на целиот градежен процес. Притоа, 51 отсто од ресурсите мора да бидат домашни, при што од вкупната вредност од 1,3 милијарди евра, 600 милиони евра ќе останат во земјата кај домашните фирми, што е огромна можност за зајакнување на капацитетот на домашните компании.

Вицепремиерот во однос на тајноста на договорот со „Бехтел-Енка“ рече дека тој не е државна тајна, но е договор кој содржи информации од доверлив карактер и само конкретни клаузули може да се објавуваат. Тие доверливи информации се однесуваат на технологијата на работа на договорната страна и ваквите клаузули ги користи секоја светска компанија за да се заштити од конкуренцијата, вели Груби.

Тој потсети дека вакви договори од доверлив карактер има со компаниите од Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), со она што е од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), но и со компании чии акции котираат на берзите.

Груби ги демантираше тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека државата ќе плаќа пенали, а во договорот со „Бехтел-Енка“ не е наведено дека постои исплата на пенали. Законските измени кои се наоѓаат во Собранието на РСМ не се поврзани со обврска за плаќање на пенали, ниту во договорот стои исплата на пенали. Груби додаде дека досега не се исплатени никакви средства кон американско-турскиот конзорциум, а првата исплата што ќе биде исплатена ќе бидат средства објавени на порталот Отворени финансии.

Во однос на промената на осумте законски решенија кои се наоѓаат во Собранието на РСМ, Груби додаде дека со промената на законските решенија ќе се изврши доуредување на законите за обезбедување на побрзо уредување на стратешките проекти, а тие законски измени не ги бара „Бехтел-Енка“, туку пратениците од Собранието. Предложените законски измени се откако нашите пратеници имале разговори со нивни колеги од другите соседни земји.

Груби рече дека хајката против изградбата на автопатите се прави за дневна политика и за партиски калкулации.

„Ниту министерот Благоја Бочварски, ниту министерот Фатмир Бесими би си дозволиле да се впуштат во коруптивно дејствие. Ако се проневери еден денар од овој проект или ако се коруптира било кој од политичарите, да скапеме во затвор“, изјави вицепремиерот Груби.

Тој рече дека конзорциумот „Бехтел-Енка“ веќе има канцеларии во Скопје, се имаат сретнато со над 40 компании до денес и апсолутно ќе биде многу поголем процентот од 51 отсто на домашните компании и вработени коишто ќе бидат вклучени во проектот.

Во однос на наводите во јавноста за правото што се имплементира согласно договорот со „Бехтел-Енка“, Груби изјави дека договорот е потпишан и ќе се спроведува во согласност со македонското право, а доколку има потреба од арбитража ќе се користи арбитражата во Париз.

Министерот за финансии Фатмир Бесими додаде дека економските ефекти од изградбата на четирите автопати на Коридорите 8 и 10д се повеќекратни, и тие ќе генерираат нови 8.000 директни и индиректни работни места во земјата, додека 51 отсто од финансиските ангажмани од договорот од околу 1,3 милијарди евра ќе ги добијат домашни фирми од градежниот сектор.

Бесими објасни дека ослободувањето од давачки не е ексклузива само со договорот склучен со „Бехтел-Енка“, туку веќе неколку години наназад се градат инфраструктурни проекти во земјава преку даночно ослободување. „Бехтел-Енка“ ќе биде ослободен од плаќање на данокот на додадена вредност, акцизите и увозните давачки, но нема да бидат ослободени од плаќањето на данокот на добивка и данокот на персонален доход.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми на денешниот настан изјави дека за изградбата на четирите автопати на Коридорите 8 и 10Д, е формирана нова единица за следење на проектот, преку две одделенија во самото претпријатие – едното е за инженерите кои ќе го следат проектирањето на автопатите, но истовремено има посебна единица која ќе ја следи експропријацијата на земјиштето.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...