fbpx

Општините не се справиле добро со ковид-пандемијата, граѓаните се незадоволни

Според последниот извештај на ДЗР, една третина, односно 33 проценти од граѓаните оцениле дека нивната општина била достапна за време на пандемијата, додека 37 проценти се изјасниле дека не била достапна

-

Во државата нема Национална стратегија за намалување на ризици од катастрофи, каде јасно ќе се дефинираат приоритетите и стратешките цели на национално ниво, што не дава солидна основа за планирање ефикасна политика за намалување на последиците од катастрофи и јакнење на отпорноста при кризни ситуации, епидемии, пандемии и слично. Управувањето со кризи е уредено преку два независни система на дејствување, a поставеноста на системот и неспроведениот процес на децентрализација во областа на здравствената заштита не овозможува општините да преземаат брзи и самостојни мерки за помош и заштита на населението во услови на пандемија.

Ова се дел од заклучоците на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на тема „Сопствените приходи на општините за обезбедување квалитетни услуги на граѓаните за време на пандемијата“.

Со ревизијата на успешност е опфатена пандемиската 2020 година, како и одредени области, прашања и настани пред и после тој период. Ревизијата била насочена кон повеќе ризици кај областите кои се однесуваат на структурната и функционалната поставеност на системот за управување со кризата предизвикана од ковид-19, финансирањето на општините во услови на пандемија, општинските услуги кон граѓаните и плановите на локално ниво за посткризно оправување.

Според податоците на ДЗР, една третина, односно 33 проценти од граѓаните оцениле дека нивната општина била достапна за време на пандемијата, додека 37 проценти се изјасниле дека не била достапна. Податоците од анкетата покажале дека најголеми проблеми за граѓаните како во руралните, така и во градските општини во време на пандемијата биле здравствените услуги, затворањето на работни места и начинот на спроведување на наставата преку т.н. „учење од далечина“.

Најчесто граѓаните изјавувале дека општините не преземале мерки за обезбедување на бесплатни тестови за ковид-19, достава на храна и лекови на болни лица (во изолација) и стари и изнемоштени лица, како и набавка и дистрибуција на средства за лична заштита. Висок процент на одговори „не знам“ особено се поврзани со обезбедувањето на електронски услуги од страна на општината (40 отсто), даночни олеснувања и субвенции (34 отсто) и социјални бенефиции за ранливи групи на граѓани (26 отсто).

Најмалку задоволни се граѓаните од информираноста за трошењето на општинскиот буџет, односно 58 отсто од испитаниците изразиле незадоволство, а само 16 отсто изјавиле дека се задоволни или целосно задоволни од овој аспект на работење на општината. Состојбата е речиси идентична во однос на задоволството од учеството на
граѓаните при носење на стратешки одлуки од локално значење.

Во однос на транспарентноста во работењето на својата општина, околу половина од граѓаните не се задоволни (51 отсто), додека помалку од една четвртина од испитаниците (23 отсто) изразиле задоволство.

„Дали сопствените приходи на општините се доволни за квалитетни услуги за граѓаните во услови на пандемија?“

Државните ревизори во својот извештај констатираат дека остварените сопствени приходи на општините во 2020 година бележеле намалување од 15,2 отсто во однос на претходната година и нивниот износ од 8.000 денари по глава на жител не бил доволен за креирање на ефикасни политики на локално ниво и нивно ефективно спроведување со цел обезбедување на квалитетни услуги за граѓаните, дотолку повеќе што една третина од нив се користи за потребите на органите на општината.

„Отсуството на стратешко планирање за намалување на ризици од катастрофи со јасно дефинирани приоритети и стратешки цели на национално ниво, од кои произлегуваат мерки на краток, среден и долг рок, одговорни институции и утврдени индикатори за мерење на ефектите од имплементацијата како и неспроведениот процес на децентрализација во областа на здравствената заштита и подредената улога на општините во воспоставениот систем за справување со пандемијата предизвикана од ковид-19, се причини општините да не се во можност да преземаат брзи и самостојни мерки за помош и заштита на населението во услови на пандемија“, се вели во извештајот.

Од вкупниот број општини, според ДЗР, 12 општини оствариле приходи под 50 отсто, во 41 општина остварувањето е под 75 отсто, а 28 општини оствариле приходи над 75 отсто од планираните. И покрај направените ребаланси на буџетите, постои значително отстапување на остварените приходи во однос на планираните.

„Ненавременото прилагодување на приходите во буџетот согласно реалните можности за нивно остварување доведува до создавање на обврски за наредните периоди и создава ризик за нивна исплата. Со ревизијата утврдивме дека најголемо отстапување од планираните приходи има кај капиталните приходи кои бележат остварување од 46 отсто. Овие приходи опфаќаат продажба на државно земјиште, нематеријални вложувања и капитални средства чија висина зависи од големината на општината, атрактивноста на земјиштето и неговата цена. Во услови на економска и финансиска неизвесност, предизвикана од пандемијата, инвеститорите ги одложиле капиталните инвестиции, а општините не успевале да ги реализираат планираните капитални продажби што се одразило врз нивните остварени приходи“, констатира ДЗР.

Понатаму, се заклучува дека во буџетскиот процес не е обезбедено почитување на принципите на партиципативност и транспарентност, што не претставува солидна основа за донесување на граѓански буџет во кој ќе бидат вклучени интересите и потребите на засегнатите страни. Па така, само 5 проценти од граѓаните биле консултирани од нивната општина при изготвување на општински буџети и програми, додека 39 проценти сметале дека во буџетот на општината не се вклучени потребите на жителите.

Со ревизијата на успешност е опфатена пандемиската 2020 година, како и одредени области, прашања и настани пред и последователно на периодот опфатен со ревизијата до денот на известување за извршената ревизија. Вклучени биле 80 единици на локална самоуправа и Градот Скопје, а податоци биле обезбедени и обработувани од Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии, Центарот за управување со кризи и Институтот за јавно здравје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

МВР: Фотографирани гласачки ливчиња во Скопје, Охрид, Берово и Радовиш

Пет лица си ги фотографирале гласачките ливчиња во текот на денешното гласање, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Станува збор за два случаи во Скопје и по еден во радовишко,...