fbpx

Контраспин: Јолевски спинува околу случајот со обвинителката Ленче Ристоска

Наместо претседателот на Советот на јавни обвинители (СЈО), Антонио Јолевски, да ја повика обвинителката Ристоска на разговор од кој можеби и ќе дознае кој тргувал со влијание од Советот, тој и Советот ја упатуваат пред Етички совет за да оценел дали Ристоска со критиките и барањата за трансформација на СЈО сторила дисциплинска повреда и им го нарушила угледот.

-

Наместо претседателот на Советот на јавни обвинители (СЈО), Антонио Јолевски, да ја повика обвинителката Ристоска на разговор од кој можеби и ќе дознае кој тргувал со влијание од Советот, тој и Советот ја упатуваат пред Етички совет за да оценел дали Ристоска со критиките и барањата за трансформација на СЈО сторила дисциплинска повреда и им го нарушила угледот. Ова, како и изјавата дека СЈО не знаел што работи Ристоска од 2019 година, се чисти спинови, а намерата е како што кажа професор Калајџиев, „да ја запалат обвинителката како вештерка зашто ги критикува“, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, даде изјава за медиуми во кој се детектираат спинови:

Спин: Oткако ја добивме изјавата, ние дискутиравме во однос на содржината на таа изјава, дали таа изјава соодветствува со она што е предвидено во Етичкиот кодекс на јавните обвинители. Заради тоа оценивме дека таа изјава треба да е пратена до Етичкиот совет во Јавното обвинителство за истите да се произнесат по однос на изјавата дали има одредени прекршувања на Кодексот од нејзина страна со давање на таква изјава и откако ќе го добиеме мислењето на Етичкиот совет ќе закажеме посебна седница на која ќе донесеме конкретна одлука. Советот не врши казнување, бидејќи нема во надлежност водење ниту на дисциплински постапки, ниту постапка за прекршување на Етичкиот кодекс...

Токму за неа и за колегата Љубомир Лапе немаме податок што работат од 2019 кога се вратени во основните јавни обвинителства. Овој Совет ги врати во тие обвинителства да продолжат со работа, да донесат одлука каде што дошле. Од тогаш наваму, ние немаме податок дали се вратени, односно никој не ни дал податок, ниту пак добивме месечен извештај што тие воопшто постапуваат во овој период. Затоа што во овој период, тие земаат плата. Советот треба да знае.

[Извор: Опсервер.мк – Изјава на А. Јолевски, датум: 27.04.2023]

 

Контраспин: Претседателот на Советот на јавни обвинители (СЈО), Антонио Јолевски, во изјава дадена пред медиумите околу изјавата на јавната обвинителка, Ленче Ристоска, за состојбите во Советот и Обвинителството генерално, спинува и ја извртува вистината најмалку во два наврата – дека СЈО не казнувал и дека СЈО не знаел што работат Ристоска и обвинителот Љубомир Лапе од 2019 година.

Всушност, станува збор за класичен напад врз Ристоска поради тоа што и Јолевски и членовите на СЈО се нашле навредени од изјава на Ристоска на конференција организирана за улогата на Судскиот совет и СЈО во стекнувањето независност и интегритет во судството, при што обвинителката рече:

Сè додека членови на Советот на кандидатите што аплицираат за повисоки позиции отворено им кажуваат дека некој треба да се јави за кандидатот да биде избран, јасно е дека Советот е избор на тргување со влијание во обвинителството и затоа сметам дека треба да се реформира. Подоцна, изборот што Советот го прави, креира клиентелистички однос на јавните обвинители кон тие што лобираат за нивниот избор и сето ова неминовно води кон систем што не може да одговори во борбата со корупцијата и организираниот криминал.

Јолевски вели дека Советот оценил дека ваквата изјава треба да биде проверена од Етичкиот совет во ЈОРМ за истите да се произнесат по однос на изјавата дали има одредени прекршувања на Кодексот од нејзина страна со давање на таква изјава.

Спинот се состои во тоа што членовите на СЈО и Јолевски веќе однапред ја осудиле Ристовска и сметаат дека со таа изјава обвинителката им нанела штета, но за да бидат чисти во целата постапка бараат некој друг да ја процени вината на Ристоска. Тоа се гледа и од спинот со кој Јолевски вели дека е побарана проценка дали Ристоска ја прекршила обвинителската етика „бидејќи се спомнува Советот, тргување со влијанија и други нејзини изјави без конкретно наведување на одредени докази кој тоа го вршел, бидејќи ние не сакаме како Совет да бидеме во кош со сите останати“.

Наместо да бараат од Етичкиот совет во ЈОРМ, Јолевски заборава дека самиот СЈО и тој како претседател може да ја повика Ристоска и да ја сослуша повеќе за овој проблем, па можеби и ќе може да утврди дали и кој од Советот тргува со влијание, инаку едно од најтешко докажливи кривини дела.

Второ, ја упатуваат Ристоска на Етички совет кој треба да расправа по Етички Кодекс на јавни обвинители,  кој ем беше критикуван од Ристоска лично кога беше донесен, а беше донесен поради нејзини претходни критики, ем од севкупната стручна јавност поради рестриктивноста во одредбите со кои на обвинителите им се забранува каква било изјава или оценка во јавноста. Повеќе за оваа одредба од Кодексот, со кој се забранува коментирање и на одлуки на СЈО, може да се прочита во мини анализата на Фокус, како и во анализата за реформите во правосудството од минатата година што ја подготви „Метаморфозис“, во делот на транспарентноста.

Обвинителката Ленче Ристоска. Фото: Мета/архива

Ваквата изјава на Јолевски, комбинирано со спинот дека „СЈО не казнувал зашто немал надлежност во водење дисциплински постапки“, упатува на можниот исход  – Ристоска да биде дисциплински казнета од ЈОРМ по одлука на Етичкиот совет дека го прекршила Кодексот, по што СЈО ќе заседава, со опција да ја разреши Ристоска од функцијата јавен обвинител по член 50 од Законот за СЈО.

Вториот поголем спин е тврдењето на Јолевски дека „СЈО од 2019 година немале информација што работата обвинителите Ристоски и Лапе, а Советот треба да знае“!? Ако Советот се интересира и треба да знае, а некој не му доставувал извештај, Советот може, треба и мора да праша. И тоа произлегува од неговите законски обврски уште со основниот Закон за СЈО, донесен во 2007 година (член 9, став 5). Давањето ваква изјава сега, по изјавата со критика од Ристоска и паралелено со барањето таа да одговара за прекршување на Етичкиот Кодекс, е чисто лицемерие и контрапродуктивност за работата на самиот Совет, зашто покажува дека речиси четири години тој не знаел што работат двајца познати обвинители!?

Калајџиев: сакаат да ја запалат како вештерка зашто ги критикува

Стручната јавност со доволно силни аргументи веднаш процени дека изјавите и постапките на Јолевски и на СЈО се, де факто, спинови.

За мене не беше скандал со Судскиот совет, туку со обвинителскиот совет каде сакаат Ленче да ја запалат како вештерка зошто ги критикувала. И не е првпат овој совет да прозива критичари. Тој тип на работа и размислување е навистина застрашувачки, вели проф. Гордан Калајџиев од Правниот факултет во Скопје.

Коалицијата Сите за правично судење во текот на вчерашниот ден излезе со посебно соопштение во кое се опфатени повеќе аспекти од изјавата на Јолевски и работата на СЈО. Од Коалицијата повторно го повикаа СЈО и ЈОРМ во целина да го преразгледаат Етичкиот кодекс, зашто неговите рестриктивни одредби за јавните обвинители „одат во целосна спротивност на начелата на транспарентно и отчетно постапување кои исто така се опфатени и со Законот за јавното обвинителство, како и се спротивни на должноста на јавните обвинители да ги применуваат начелата на добро управување. Ова е особено битно доколку се земе предвид дека токму јавните обвинители се тие кои ги избираат членовите на Советот на јавните обвинители“. 

Освен тоа и на Коалицијата не ѝ е јасно, како може СЈО да нема поим за тоа што работеле Ристоска и Лапе:

Особено со оглед што во членот 9 од Законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, таксативно се наведени надлежностите на Советот, па, меѓу другото, е предвидено и тоа Советот да ги разгледува и оценува годишните извештаи на јавните обвинителства, што, пак, значи дека Советот во изминатите неколку години ги разгледувал и оценувал и извештаите кои се однесуваат на работата на јавните обвинителства во кои што јавнообвинителска функција извршуваат и овие јавни обвинители.

Но, и поради фактот што Ристоска е „јавен обвинител задолжен за канцеларијата за врски со Европравда, па така овој обвинител изготвува и посебни извештаи за работата како обвинител во канцеларијата за врски, во кои извештаи е нотирано дека јавниот обвинител користи посебни канцеларии, надвор од зградата на матичното јавно обвинителство“(360 Степени):

Во оваа насока, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија има донесено и посебни одлуки со кои на споменатите обвинители им се даваат задолженија и обврски кои се однесуваат на грижа за материјалите, инвентарот и просториите кои ги користеше поранешното Специјално јавно обвинителство. Оттука е навистина нејасно како Советот за цел овој временски период, не бил запознаен со ваквата состојба и оправдано се покренува прашање за должното внимание со кое членовите на Советот ги извршуваат своите надлежности. Со други зборови, неинформираноста за определена состојба, во ситуација кога субјектите можеле и биле должни да ги знаат состојбите, не може да се смета дека е оправдување и дека истите ги иззема од  одговорност, се наведува во оценката на Коалицијата Сите за правично судење.

Поради сите погоре наведени аргументи оценуваме дека делови од изјавата на Јолевски е извртување на вистината или спин.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...