Новиот електронски дневник во училиштата најрано во второто полугодие

Откако ќе бидат исполнети сите услови предвидени во процесот на тестирање и по миграцијата на податоците од постојниот систем во новиот, новиот електронски дневник ќе биде официјално применет во сите училишта во земјава

Досегашниот е-дневник задаваше многу проблеми; Фото: Мета.мк

Во текот на второто полугодие од оваа учебна година или најдоцна на почетокот од наредната ќе профункционира новиот електронски дневник, којшто Министерството за образование и наука (МОН) го работи со поддршка од Европската Унија (ЕУ).

„Со финансиска поддршка од ИПА фондовите на Европската унија, Министерството за образование и наука изработи нов интегриран систем за електронска работа на училиштата. Во новото софтверско решение интегрирани се сугестиите на наставниците, родителите на учениците и сите институции кои имаат пристап до системот и се очекува досегашните предизвици целосно да бидат надминати“, велат од МОН.

Првичните тестирања на новиот систем се веќе спроведени, во координација на Министерството за образование и наука со Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и со наставници од училиштата.

Паралелно се спроведуваат и обуките за примена на новиот електронски дневник, при што тие досега биле посетени од 40 училишни ИТ администратори коишто ќе го управуваат софтверското решение, како втора фаза од процесот на тестирање во текот на оваа учебна година.

Обуките ќе продолжат во следниот период, со опфат на сите училишни ИТ администратори.

Новиот електронски дневник ќе биде официјално применет во сите училишта во земјава, откако ќе бидат исполнети сите услови предвидени во процесот на тестирање и по миграцијата на податоците од постојниот систем во новиот.