Нови дојави за бомби во 16 скопски и четири прилепски училишта

Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во центарот на Скопје; Фото: Мета.мк

Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека попладнево било пријавено оти на електронските адреси на повеќе училишта во Скопје и Прилеп биле упатени закани за поставена експлозивна направа.

Станува збор за вкупно шеснаесет скопски и четири прилепски училишта, на чии електронски адреси стигнале дојави за бомби.

Од МВР информираа дека веднаш по добиените пријави, од полициски службеници биле преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.

Вчера дојави за поставени експлозивни направи во едно средно училиште во Скопје добија 14 професори.

Дојавите за бомби повторно се активираа на почетокот од второто полугодие на учебната година и за сите досега беше утврдено дека се лажни.

Лажните закани за поставени бомби во земјава се појавија на 26 октомври лани. Испраќањето на лажни дојави за бомби во Македонија започна откако претходно и други балкански земји се соочија со овој тип на хибридна закана.