fbpx

Норвешка со изведба на топлински пумпи се справува со климатските промени

Норвешка рано се осигурала дека греењето со фосилни горива е најскапата опција, што ги направило топлинските пумпи да бидат конкурентни, изјавил Јан Розеноу од Проектот за регулаторна помош, тинк-тенк кој работи на декарбонизација на зградите

-

Две-третини од домаќинствата во Норвешка имаат топлински пумпи во своите домови, што е повеќе од кое било друго место во светот. Европската земја со 5 милиони жители долго време ги користеше фосилните горива за загревање на домовите, но по нафтената криза во 1973 година, кога цените на дериватите пораснаа, политичките лидери направиле свесен избор да промовираат алтернативни начини на загревање на домовите, пишува Гардијан. 

Норвешка, заедно со Шведска и Финска, беа земји кои во тој момент се одлучиле да се насочат кон систем на греење на дрва или струја. Со мешавина од грантови и даночни решенија, тие особено во периодот по 1990-тите години се насочија и кон намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Норвешка рано се осигурала дека греењето со фосилни горива е најскапата опција, што ги направило топлинските пумпи да бидат конкурентни, изјавил Јан Розеноу од Проектот за регулаторна помош, тинк-тенк кој работи на декарбонизација на зградите.

„Тие го направија ова со оданочување на јаглеродните емисии од фосилните горива за греење. Тоа беше клучот за да се поттикне прифаќањето на топлинската пумпа“, вели Јан Розеноу.

Во изминатиов период Норвешка обучила работна сила која ќе ги инсталира топлинските пумпи. Додека самите уреди можат масовно да се произведуваат во фабриките, нивното инсталирање во домовите може да претставува лесен начин за појава на грешка.

Во поголемиот дел од Европа, велат експертите, токму недостатокот на квалификувана работна сила е едно од неколкуте тесни грла што ја кочат индустријата за топлински пумпи. Поради обучената работна сила, Норвешка нема проблеми со поплаки и лоши искуства со топлинските пумпи од страна на корисниците.

Оле Ојстеин Хауген, пензионер кој живее непосредно надвор од Осло, убедил тројца негови соседи да набават топлински пумпи, откако самиот тој инсталирал една пред седум години. Уредот го загрева неговиот базен, како и неговиот дом. Потребно е малку подолго да се загрее водата во пролет отколку со стариот горилник на нафта, вели Хауген, но „тоа е единствената негативна работа“.

Во суштина, топлинската пумпа е исто како фрижидер или клима-уред. Самата машина не ја создава посакуваната топлина, туку ја преместува од надвор до местото каде што е потребно. Топлинската пумпа била иновирана во 1856 година од австрискиот научник Питер фон Ритингер, а се користела за сушење на сол во мочуриште. До 1930-тите години, Швајцарците ги користеле за да извлечат топлина од реките и езерата, а неколку децении подоцна, Американците ги употребувале за да ја извлечат топлината од земјата.

Гардијан пишува дека топлинската пумпа има помал јаглероден отпечаток од гасниот котел, дури и кога е вклучена во електрична мрежа што е зависна од добавувачи со високи емисии.

Кент Ајлертсен е инженер за одржување во норвешката поштенска услуга „Posten Bring“ и се грижи за две топлински пумпи во терминалот за сортирање писма во Тромсо, околу 350 километри северно од Арктичкиот круг.

„Работи многу добро на студ“, вели Ајлертсен.

Уредите можат да станат помалку ефикасни кога температурите паѓаат под -15 Целзиусови степени, додаде тој, но новите верзии сè уште работат на -20 или -25 Целзиусови степени.

Популарноста на топлинските пумпи низ нордиските земји треба да биде доволна за да се отфрли митот за неефикасноста на топлинските пумпи. Шведска и Финска се придружија на Норвешка на врвот на рангирањето на топлинските пумпи на 1.000 домаќинства.

Покрај од високата искористеност на топлинските пумпи, Норвежаните имаат корист и од добрата изолација на куќите. Комбинација на овие две мерки дава одлични услови за живот во зимскиот период.

Засега, топлинските пумпи во повеќето земји сè уште се прилично мали. Глобалниот удел на овие уреди за загревање задоволува само околу 10% од топлината што се користи во зградите, според Меѓународната агенција за енергетика. Нивните потреби речиси тројно ќе се зголемат до крајот на деценијата, за да се достигне целта од нула емисии на стакленички гасови до 2050 година.

И покрај бумот од неодамнешната енергетска криза, кога цените на фосилниот гас пораснаа, продажбата во делови од Европа и на други места сугерираат дека таа цел сè уште е далеку од остварување.

Сепак, успехот на Норвешка не е лесен за другите земји да го повторат. Станува збор за една од најбогатите земји на планетата, така што граѓаните можат полесно да си ја дозволат повисоката цена на топлинската пумпа при нејзината набавка.

Исто така, Норвешка произведува евтина електрична енергија од хидроелектраните, што ги намалува месечните сметки за луѓето кои поседуваат топлинска пумпа. Но, со оглед на тоа што европските влади продолжуваат да ги субвенционираат фосилните горива, нордиското искуство покажува дека политичарите во многу потоплите земји би можеле да одлучат да го решат проблемот со своите системи за греење.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...