fbpx

Кацарска: Предизвик за 2024 година е да се воведе уставна жалба за граѓаните

Најголемиот број од иницијативите до Уставниот суд или околу 60%, се пристигнати од граѓани од целата држава, информираше претседателката Добрила Кацарска

-

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, на својата годишна прес-конференција на која ги изнесе заклучоците низ призма на работењето на Судот во текот на 2023 година, рече дека основниот заклучок од изминатата година е дека итно е потребно да се воведе уставна жалба за граѓаните.

Таа упати порака до политичарите, до сите политички партии и пратеници, да им овозможат на граѓаните за сите слободи и права да се обратат до Уставниот суд, наместо правдата да ја бараат во Стразбур, нешто коешто ја чини државата и даночните обврзници многу пари, но и нарушен углед.

„Граѓаните ќе ги препознаат заложбите, затоа што уставна жалба значи дека секој да ги ужива сите права од Уставот и да бара да му се заштитат пред Уставниот суд кога e сторена повреда, без оглед на политичка, етничка или било која друга припадност“, рече Кацарска и додаде дека поддршка имаат од претседателот на државата Стево Пендаровски, и министерот за правда Кренар Лога, а и самата таа ги слушнала искуствата со уставна жалба на сите поранешни југословенски републики и на Сојузна Република Германија.

Кацарска вели дека трета година по ред се обраќа од челната говорница во Уставниот суд и за жал и овој пат не може да го изостави горливото прашање на непополнетиот состав на Судот. Судот сè уште работи во неполн состав, без еден судија, откако од пред неполн месец Собранието го избра осмиот судија.

Годинава, до денеска, во Уставниот суд, како што рече Кацарска, биле примени 210 иницијативи и оваа бројка отскокнува од просекот во изминатите 5 години кој се движи меѓу 130-170.

„Оваа бројка од 210 нови иницијативи и уште 7 барања за заштита на слободи и права е векторот што нам ни носи информација дека граѓаните се сè повеќе информирани за Уставниот суд и стануваат свесни за неговата улога и значење во нашиот правен поредок“, изјави претседателката на Уставниот суд.

Најголемиот број од иницијативите, рече таа, или околу 60% се пристигнати од граѓани од целата држава, или попрецизно, станува збор за 127 иницијативи.

15 предмети биле оформени по иницијатива на различни општини, 7 предмети иницирани од политички партии, а 18 на иницијатива на здруженија на граѓани.

Уставниот суд годинава донел 25 одлуки со кои биле укинати 9 одредби од закони, како на пример укинувањето на член од Законот за Судски совет со којшто се ограничуваше претседател на Судскиот совет да биде избран само од членовите избрани од Собранието, а не и од редот на судиите, потоа членови од Законот за плати и надоместоци на избраните и именувани лица, повеќе одредби од Законот за градење, членови од Законот за средното образование со кои се правеше дискриминација на средношколците од приватните училишта при користењето на јавен превоз итн.

Судот во четири случаи одлучил да поништи акти, како што е на пример Упатството за водење на матичните книги, Правилник за авторски надоместоци на ЗАМП со кој домашни музичари посочуваа на ретроактивна исплата на надоместоци на нивна штета и со бодови пониски од претходно пресметаните.

„Најголем предизвик за сите нас остануваат барањата за слободи и права на граѓаните. Годинава пристигнати се седум, решени се 15-вклучувајќи ги и оние од пред 2023 година, а утврдена е повреда само во случајот кај новинарот од Фокус, кој сметал дека со пресудите од Граѓанскиот и Апелациониот суд, му е направена повреда на неговата слобода на изразување на мислата за време настаните од 27 април 2017 година“, рече Кацарска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Европска недела на имунизација: Слушајте ги научниците, а не дезинформациите

Во Градскиот парк во Скопје денеска се одбележа Европската недела на имунизација, со повици за поголема вакцинација. Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека повеќе од 50 години вакцините кои ги примил...