fbpx

Незири: Енергетска криза ќе нема, но ќе има реални проблеми

-

Енергетска криза во Македонија нема, но ќе има реални проблеми кои ќе произлезат од блокадата на сметката на „Макпетрол“, изјави денеска министерот за економија, Беким Незири. Тој додаде дека сите лиценцирани компании кои увезуваат нафта и нафтени деривати немаат проблем во набавката на потребните енергенси. Но, „Макпетрол“ е најголем дистрибутер поради широката дистрибутивна мрежа.

– Нема да има проблем во снабдувањето на нафта и нафтени деривати на бензинските пумпи. Тој проблем може да се појави само во општините во кои што има само бензински пумпи на „Макпетрол“. Жителите ќе треба да патуваат од 20 до 30 километри за да набават бензин. Другите компании ќе го засилат набавувањето со нафта и нафтени деривати на тие бензински пумпи. На бензинските пумпи „Макпетрол“ гориво има за следните пет дена – изјави Незири.

По одлуката на „Окта“ да не му испорачува гориво на „Макпетрол“, Незири наведува дека потребно количество има, но која компанија е подготвена да плати 1 милион евра дневно, за да го купи тоа гориво? Во тој случај, вели тој, банките треба да излезат во пресрет со поволни кредити за компаниите кои ќе ја заменат „Макпетрол“.

Во делот на гасот, „Макпетрол“ држи 36 проценти од дистрибутивната мрежа за снабдување. Најзасегнати во овој дел ќе бидат компаниите до кои токму „Макпетрол“ испорачува гас.

Министерот Незири уверува дека за изнаоѓање на решение како овие индустриски гранки и компании, кои ги покрива „Макпетрол“, да немаат проблеми во функционирањето.

– Имав состанок со компаниите и странските инвеститори во врска со тоа, која компанија колку набавува гас од „Макпетрол“. Другите компании кои го држат остатокот од пазарот, ме уверија дека ќе направат напори да ги покријат и тие 36 проценти потребно количество на гас, колку што покрива „Макпетрол“. Ќе исконтактираат со нивната база во регионот, во делот на снабдувањето со гасот. Она што е проблем е што гасот се пренесува преку „Гама“, која 51 процент е во сопственост на „Макпетрол“, а 49 проценти е на државата – вели Незири.

„Макпетрол“ е снабдувач со керозин и на аеродромите, за кои министерот уверува дека беспрекорно ќе функционираат следните пет дена.

Ако до тогаш не се разреши ситуацијата Незири истакна дека можат да се обезбедат мобилни цистерни или пак во пресрет да излезат околните аеродроми.

РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“ имаат мазут за следните 25 дена, а за да ја сменат компанијата од која го набавуваат овој дериват, во случајов „Макпетрол“, потребно е ЕЛЕМ да распише тендер за избор на нова компанија.

Претседателот на Македонска енергетска заедница при Стопанската комора, Кочо Анѓушев порача дека сите чекори треба да се преземат внимателно за да нема турбуленции во стопанството и негативни последици врз работата на стопанските субјекти.

– Можат да се јават одредени финансиски проблеми поврзани со паричните токови на другите компании кои ќе бидат супституенти на „Макпетрол“, па тоа да предизвика проблеми во работењето на банкарскиот сектор – предупреди Анѓушев.

Министерот Незири истакна дека не навлегува во функционирањето на судската власт и нема да даде поддршка на незаконско работење на било која компанија, но предупреди дека заради носењето на негативни и погрешни одлуки може да страдаат граѓаните, индустријата и економијата.

„Макпетрол“АД Скопје, го информирало Министерството за економија за сите овие проблеми во текот на вчерашниот ден.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...