Бектеши: Ќе бараме отштета ако Бугарија ни наметне такса за рускиот гас

Реагирав во енергетската заедница и кон Европската комисија и очекувам да се ослободат количините што ги закупил токму „Гаспром“ од бугарската страна. Ако воведуваат такса за природен гас што доаѓа од „Гаспром“, тогаш да ги ослободат и количините што се закупени од страна на „Гасром“ кон С. Македонија, рече министерот Бектеши

Фото: Министерство за економија

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека земјава ќе бара отштета од Бугарија и дополнителна поддршка од ЕУ доколку се воведе такса за природниот гас што се испорачува преку нејзина територија и не бидат ослободени количините гас кои се закупени од страна на „Газпром“ за С. Македонија.

Реакцијата следува откако источниот сосед воведе транзитна такса за рускиот гас што преку нејзина територија доаѓа до соседните земји, вклучувајќи ја и нашата.

„Тоа се, секако, нивни одлуки, внатрешни, не се мешаме во фискалната политика, но треба да им се каже јасно и отворено дека ако се носат такви одлуки, треба да се носат и други одлуки, каде што ќе се ослободат количините за државите да имаат простор да се снабдуваат од други извори, како што е случајот со Северна Македонија. Реагирав во енергетската заедница и кон Европската комисија и очекувам да се ослободат количините што ги закупил токму „Гаспром“ од бугарската страна. Ако воведуваат такса за природен гас што доаѓа од „Гаспром“, тогаш да ги ослободат и количините што се закупени од страна на „Гасром“ кон Северна Македонија“, рече министерот Бектеши.

Тој додава дека количините кои се ослободени претходната година не се доволни за побарувачката и потребите на С. Македонија и тоа секако би влијаело во делот на цената на природниот гас што го користи стопанството.

Според Бектеши, секоја држава има право да воведува внатрешни такси, но да уцениш друга држава на ваков начин, како што рече, е неприфатливо и е спротивно на начелата на работа на ЕУ.

Министерот објасни дека земјава има право да купува и гас од Азербејџан, како и од други извори, но во таа ситуација Бугарија бара уште еден гасовод од Македонија, која во моментов се снабдува само од едно место кај Крива Паланка.

„Бугарија има барање да имаме втор гасовод. Ние до крајот на годината ќе започнеме со изградба на вториот гасовод со Грција, што е приоритет и е целосно поддржан од страна на ЕБОР, ЕИБ и од нашите стратешки партнери“, изјави Бектеши.

Бугарија усвои регулативата која предвидува такса од 10,23 евра за мегаватчас гас испорачани преку територијата на таа земја.