fbpx

Нетранспарентност: Повеќето општински советници од Центар и Чаир над три недели не одговараат на прашања

-

Најголем дел од советниците од општинските совети од Чаир и Центар ги игнорираат новинарските прашања кои Мета.мк и Порталб.мк ги поставија пред повеќе од три недели. Во Центар ги прашавме на темата за поскапувањето за зонското паркирање на ЈП ПОЦ, како и транспарентноста и отвореноста на седниците на општинскиот совет во Чаир. Од вкупно 50 советници во советите на општина Центар и Чаир, единствено тројцата советници од советничката група „Шанса за Центар“ од општина Центар и само двајца општински советници од општина Чаир одговорија.

Граѓаните тешко можат да стапат во контакт со своите избрани советници во Центар и Чаир, кои што во текот на изборната кампања им ветуваа транспарентност и отчетност на нивните гласачи. Доказ за ова е обидот на Мета.мк и Порталб.мк да стапат во контакт со советниците од овие две скопски општини. 

Им пишавме на советниците од Центар, бидејќи на почетокот од октомври годинава започна со примена новата зонска поделба на јавните паркиралишта на „Паркинзи на Општина Центар“-Скопје, со што се зголеми казната на пајак-службата од 2.500 на 3.500 денари, додека паркирањето во Буњаковец се зголемува од 60 на 70 денари на час. Во општина Чаир постои проблем со директниот пренос на седниците на општинскиот совет онлајн, поради што граѓаните не можат директно да се информираат за точките за кои се гласа во општинскиот совет.

Порталб.мк на 25 октомври преку онлајн платформата pishi.im им ги прати на сите 27 советници од Советот на општина Чаир следните прашања:

  1. Дали сте го отвориле на седница на Советот на општина Чаир прашањето за директен пренос на седниците на Советот онлајн?
  2. Дали има утврден распоред за седниците на Советот на општината и каде можат граѓаните да ги видат овие информации?
  3. Дали користите службен телефон како советник, ако да, кој е вашиот службен број?

Но, поминаа над три недели и само двајца од советниците од општина Чаир нѝ испратија одговор.

„На секоја седница го отвораме прашањето за емитување и користење на опрема за пренос во живо, бидејќи треба да го слушаме гласот на заедницата. И можам да кажам дека транспарентноста е минимална. Не се обезбедуваат целосни материјали. Не се споделуваат детали. Општината е затворена. Да постоеше вистински државен и правен систем би требало да има одговорност“, вели советникот од Чаир, Беќир Исмаили во доставениот одговор до Порталб.мк, но и тој во одговорот не посочува дали користи службен телефон и, доколку да, кој е неговиот службен број.

Советничката од Чаир, Нафие Селмани нѝ го испрати нејзиниот телефонски број во порака, но написмено не добивме одговори на поставените прашања.

Мета.мк на 25 октомври преку онлајн платформата pishi.im им ги прати на сите 23 советници од Советот на општина Центар следните прашања:

  1. Од 1 октомври започна да функционира новата зонска поделба на јавните паркиралишта на ЈП Паркинзи на Општина Центар, која доведе и до промени во дел од цените и надоместоците на услугите на претпријатието, за што ЈП ПОЦ се повика на донесените одлуки на советниците од Советот на општина Центар на 13-тата седница одржана на 30 август 2022 година. Зошто беше потребно да се направи нова зонска поделба на јавните паркиралишта на ЈП ПОЦ?
  2. Заедно со промена на зонската поделба на паркиралиштата на ЈП ПОЦ дојде и до зголемување на цената на паркингот за 10 денари од час кај дел од паркиралиштата. Кои се причините поради кои се одлучивте како советници да го поддржите/одбиете ваквото зголемување на цените?
  3. Од 1 октомври од 2.500 на 3.500 денари поскапе и казната на пајак-службата на ЈП ПОЦ, која што исто така е направена врз основа на донесените одлуки на 13-тата седница на Советот на општина Центар. Кои се причините поради кои се одлучивте како советници да го поддржите/одбиете ваквото зголемување на цените?
  4. Во последниве години во неколку наврати е зголемувана цената на паркингот во Општина Центар на паркинзите со кои управува ЈП ПОЦ, а најавите беа дека ова ќе влијае на зголемено користење на јавен превоз и намалување на аерозагадувањето. Дали како сегашни советници во Општина Центар сметате дека се остварија ваквите резултати од зголемувањето на цената? Очекувате ли дека зголемувањето на цената на паркингот ќе влијае на подобрување на квалитетот на воздухот?
  5. Со оглед на тоа што веќе постојат разлики во цените за паркирање на паркиралиштата на ЈП ПОЦ наспроти оние на ЈП Градски паркинг на речиси идентични локации во Општина Центар, какви реперкусии сметате дека ќе има зголемувањето на цената на паркингот на дел од паркиралиштата на ЈП ПОЦ?

Одговори единствено добивме од тројцата советници од „Шанса за Центар“ во Советот на општина Центар. Во одговорот тие појаснуваат дека до последната промена на зонската поделба на паркиралиштата со кои стопанисува јавното претпријатие ПОЦ,  паркиралиштата беа поделени во четири зони и тоа: зона 0, зона 01, зона 1 и зона 2, а зоните 01 и 1 правеа забуна кај граѓаните и исклучиво поради техничка причина се донесе решение за поделба само на три зони и тоа: 0, 1 и 2, појаснуваат од „Шанса за Центар“.

Од советничката група „Шанса за Центар“ велат дека површината која ја опфаќа Општина Центар е 7.52 километри квадратни и претставува една од најмалите општини во градот Скопје, но со многу фреквентен сообраќај заради преголемата населеност која се создаде со многуте нови градби и секако заради протокот на жители од целиот град низ центарот на градот.

„Гледајќи ги искуствата од поголемите европски градови, кои се соочувале со истите проблеми, сметаме дека паркирањето во центарот треба да биде со повисоки цени со цел да се дестимулира автомобилскиот сообраќај, заради намалување на гужвата, стресот и безбедноста при движењето, а да се зголеми употребата на јавен превоз, велосипеди, електрични тротинети и слично“, одговараат од „Шанса за Центар“.

Тројцата советници додаваат дека ЈП ПОЦ е основано од Општина Центар и се грижи за паркиралиштата во негова надлежност и ова јавно претпријатие треба да биде финансиски самостојно, односно да остварува приходи од своето работење со кои потполно независно ќе функционира.

„Жителите на ОЦ не плаќаат надомест за користење на јавните паркиралишта, за што исто така сметаме дека е некоректно, бидејќи се употребува јавен простор кој го има многу малку во општината и секако за тие паркиралишта се грижат вработените во ЈП ПОЦ. Моментално ЈП ПОЦ стопанисува со паркиралишта со капацитет од 5.000 паркинг места, а има издадено 15.000 паркинг карти на жители и вработени на територијата на ОЦ. Единствен приход за ЈП ПОЦ е приходот од комерцијалните паркиралишта и пајак службата. Поради тоа ги подржавме одлуките за поскапување на цените на паркирањето и пајак службата“, информираат од „Шанса за Центар“.

Од „Шанса за Центар“ велат дека нивните советници во Општина Центар и нивните претставници во Надзорниот и Управниот одбор на ЈП ПОЦ постојано работат и апелираат за подобрување на овие елементи и се залагаат да се направи стручна анализа и стратегија за долгорочно решавање на паркирањето во општината.

Другите советници во општина Центар не одговорија на поставените прашања, иако темата за новата зонска поделба на јавните паркиралишта и поскапувањето на дел од услугите на ЈП ПОЦ предизвикува негативни реакции кај јавноста.

На последните локални избори што се одржаа лани, во Советот на општина Центар советнички места освоија СДСМ и коалицијата, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Левица и Шанса за Центар и ЛДП/ДОМ. Во Советот на општина Чаир, советници има од партиите ДУИ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и БЕСА.

За да исконтактира со советниците во Општина Центар и Општина Чаир, Мета.мк и Порталб.мк ја употребија онлајн платформата pishi.im, која што беше развиена преку Проектот за граѓанско учество на УСАИД од Фондацијата Метаморфозис, со цел да се подобри интеракцијата и размената на информации меѓу граѓаните и избраните општински советници. Намерата е преку pishi.im да се овозможи полесна и поефикасна комуникација меѓу граѓаните и избраните општински советници.

Наместо граѓаните да трагаат по електронската пошта на секој советник одделно на општинските веб-страници, на онлајн платформата pishi.im може да се пронајдат мејловите од сите советници што се избрани во 80-те општини низ земјава, плус Советот на град Скопје и на едноставен начин да им пишат на општинските советници. Повеќе детали за тоа како да им се пише на советниците може да се прочита ОВДЕ.

 

Забелешка: На 21 ноември, во 10:28 часот е направена корекција на овој текст откако е утврдено дека одговори на прашањата доставиле советниците на „Шанса за Центар“, но поради грешка на лицата одговорни за одржување на платформата pishi.im, одговорите не стигнаа на време до новинарите на Мета.мк и Порталб.мк. На советниците кои одговорија на прашањата им се извинуваме за ненамерниот пропуст.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.
ФИНКИ

ФИНКИ бара Владата да ги ослободи бараките на Техничкиот кампус, во спротивно најавува протести и штрајк

Најбројниот факултет во земјава – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) бара од Владата решение за просторниот проблем со кој се соочува институцијата. Со повеќе од 5.000...