Твитер-налогот на Доналд Трамп, поранешниот претседател на САД, којшто беше суспендиран откако неговите приврзаници на 6 јануари минатата година го нападнаа Капитолот во исчекување на прогласувањето на Џо Бајден, противкандидатот на Трамп за победник на претседателските избори, е вратен.
Ова е дело на новиот сопственик на Твитер, Илон Маск, кој е најбогатиот човек на светот. Тој ја поништи забраната за присуство на поранешниот претседател на САД на Твитер вчеравечер, по краткотрајната Твитер-анкета дали на Трамп треба да му биде вратен налогот.
Резултатот на анкетата беше 51,8 отсто „да“ гласови.
The people have spoken.
Trump will be reinstated.
Vox Populi, Vox Dei. https://t.co/jmkhFuyfkv
— Elon Musk (@elonmusk) November 20, 2022
„Луѓето си кажаа. Трамп ќе биде вратен. Vox Populi, Vox Dei,“, твитна Маск, користејќи ја и латинската фраза за „Гласот на народот е глас Божји“.
Набргу потоа, Трамп повторно беше на Твитер, со сите повеќе од 59.000 твитови објавени пред забраната. Иако првин следбениците ги немаше, набргу нивната бројка се искачи на над 2 милиона за само 90 минути, пишува „Асошиејтид Прес“.
Како што наведува меѓународната новинска агенција, до овој чекор дојде откако Илон Маск го презеде Твитер и стана негов Главен извршен директор и само четири дена откако Доналд Трамп ја објави својата кандидатура за претседателските избори во 2024 година.
Сепак, не е баш јасно дали Трамп, инаку пасиониран твитерџија, ќе се врати во потполност на Твитер, бидејќи претходно изјавуваше дека нема да се врати на оваа социјална мрежа, дури и ако му биде вратен налогот.
Трамп сега е „окупиран“ со својата, многу помала, социјални мрежа „Truth Social“, што ја формираше набргу откако беше изгонет од Твитер.
Но не само тоа – вчера, во текот на видеообраќањето на симпозиум на една група Евреи-Републиканци во Лас Вегас, Трамп рече оти е свесен за анкетата што ја почнал Маск, но дека тој гледа „многу проблеми на Твитер“.
„Слушам дека добиваме многу гласови за враќање на Твитер. Но немам предвид таква работа, оти немам ниту една причина за тоа“, рече Трамп.