fbpx

Една година по изборите, ги прашавме советниците од Центар и Чаир за теми од интерес на граѓаните

-

Во октомври лани се одржаа локални избори во земјава, со кои 80 општини и Градот Скопје добија нови градоначалници и совети. По 12 месеци функционирање на новите  раководства на локалните самоуправи, Мета.мк и Порталб.мк се одлучија да им пишат на советниците во две општини од земјава и да ги прашаат за теми што се од големо значење за граѓаните.

За да исконтактираме со советниците во Општина Центар и Општина Чаир, двата медиуми ја употребија онлајн платформата pishi.im, која што беше развиена преку Проектот за граѓанско учество на УСАИД од Фондацијата Метаморфозис, со цел да се подобри интеракцијата и размената на информации меѓу граѓаните и избраните општински советници. Намерата е преку pishi.im да се овозможи полесна и поефикасна комуникација меѓу граѓаните и избраните општински советници.

Наместо граѓаните да трагаат по електронската пошта на секој советник одделно на општинските веб-страници, на онлајн платформата pishi.im може да се пронајдат мејловите од сите советници што се избрани во 80-те општини низ земјава, плус Советот на град Скопје.

„Платформата Пиши Им е едноставна за користење и на неа се поставени форми за комуникација преку кои граѓаните ќе може да видат кои се општинските советници во нивната општина, кои се нивните надлежности, и доколку сакаат, ќе можат преку истата форма да ги контактираат“, вели за Мета.мк Маријана Јанчевска од Фондацијата Метаморфозис.

Мета.мк и Порталб.мк преку онлајн платформата pishi.im на 25 октомври годинава ги испратија прашањата до сите советници што се избрани во актуелните совети во скопските општини Центар и Чаир. На советниците од Општина Центар им поставивме прашања поврзани со управувањето на паркинзите од страна на јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“, додека советниците во Чаир ги прашавме за транспарентноста и отвореноста кон граѓаните при нивното работење.

На сите 23 советници од Општина Центар им ги поставивме следниве прашања на кои очекуваме одговори:

  1. Од 1 октомври започна да функционира новата зонска поделба на јавните паркиралишта на ЈП Паркинзи на Општина Центар, која доведе и до промени во дел од цените и надоместоците на услугите на претпријатието, за што ЈП ПОЦ се повика на донесените одлуки на советниците од Советот на општина Центар на 13-тата седница одржана на 30 август 2022 година. Зошто беше потребно да се направи нова зонска поделба на јавните паркиралишта на ЈП ПОЦ?
  2. Заедно со промена на зонската поделба на паркиралиштата на ЈП ПОЦ дојде и до зголемување на цената на паркингот за 10 денари од час кај дел од паркиралиштата. Кои се причините поради кои се одлучивте како советници да го поддржите/одбиете ваквото зголемување на цените?
  3. Од 1 октомври од 2.500 на 3.500 денари поскапе и казната на пајак-службата на ЈП ПОЦ, која што исто така е направена врз основа на донесените одлуки на 13-тата седница на Советот на општина Центар. Кои се причините поради кои се одлучивте како советници да го поддржите/одбиете ваквото зголемување на цените?
  4. Во последниве години во неколку наврати е зголемувана цената на паркингот во Општина Центар на паркинзите со кои управува ЈП ПОЦ, а најавите беа дека ова ќе влијае на зголемено користење на јавен превоз и намалување на аерозагадувањето. Дали како сегашни советници во Општина Центар сметате дека се остварија ваквите резултати од зголемувањето на цената? Очекувате ли дека зголемувањето на цената на паркингот ќе влијае на подобрување на квалитетот на воздухот?
  5. Со оглед на тоа што веќе постојат разлики во цените за паркирање на паркиралиштата на ЈП ПОЦ наспроти оние на ЈП Градски паркинг на речиси идентични локации во Општина Центар, какви реперкусии сметате дека ќе има зголемувањето на цената на паркингот на дел од паркиралиштата на ЈП ПОЦ?

Воедно, на 27-те советници од Советот на општина Чаир преку онлајн платформата pishi.im ги поставивме следниве прашања:

  1. Дали сте го отвориле на седница на Советот на општина Чаир прашањето за директен пренос на седниците на Советот онлајн?
  2. Дали има утврден распоред за седниците на Советот на општината и каде можат граѓаните да ги видат овие информации?
  3. Дали користите службен телефон како советник, ако да, кој е вашиот службен број?

Инаку, онлајн платформата pishi.im е изработена како дел од залагањата на Фондацијата Метаморфозис за промовирање на концептот на отворен град.

„Отворениот град се постигнува преку создавање култура на отвореност во општинските совети; поттикнување на отвореното владеење во градовите; поттикнување на употребата на технологијата за потранспарентно и партиципативно работење на градските власти; како и овозможување подобар пристап на граѓаните до градските информации. Во оваа насока, значајно е граѓаните не само да имаат пристап до податоците од отворен карактер, туку и да можат да разберат како овие податоци се поврзани со нивните потреби и проблеми“, вели Маријана Јанчевска од Фондацијата Метаморфозис.

Покрај тоа што им пишавме на советниците во две скопски општини, Мета.мк и Порталб.мк за сите заинтересирани граѓани и граѓанки кои имаат прашања до советниците, подготвија и кратко упатство за користење на алатката pishi.im. Поднесувањето на прашања до општинските советници е едноставно и може да се направи во неколку брзи чекори.

Штом ја отворите онлајн платформата pishi.im, опцијата да им се пише на советниците зазема централно место.

Во полето -избери општина- треба да се впише најпрво името на општината, од која сакате да исконтактирате некој од општинските советници.

Откога ќе го пишете името на општината, автоматски се отвора списокот со сите советници од советот во конкретната општина. Од советниците се задолжително објавени името и презимето, партијата од која доаѓаат и полето „напиши порака“ како можност за директен контакт со советниците.

 

Со кликнување на полето „напиши порака“, се пристапува директно до следниот чекор за испраќање на пораката.

Овде имате можност да ги прочитате инструкциите до граѓаните за составување на самата порака, при што задолжително е да се избере некој од секторите (економски прашања, образование, социјална заштита, здравствена заштита, култура, комунални дејности, заштита на животната средина, работата на градоначалникот, работата на советот) за кои сакате да поставите прашања и да го пишете насловот на темата за која би го контактирале советникот.

 

Покрај впишувањето на прашањата кои ги имате до конкретниот советник, во пораката задолжително е да ги впишете вашите лични податоци (име и презиме, е-мејл и телефон) и вашата адреса (улица, град и општина).

Откога ќе се пополни целосно пораката до советникот, на долниот дел од екранот треба да се кликне полето „прегледај порака“, која води директно до можноста уште еднаш да ја прочитате целата порака со вашите лични податоци пред да ја испратите до советникот.

 

Доколку сакате да корегирате дел од содржината, тогаш на левата страна долу на екранот може да се избере полето „измени порака“.

Ако немате потреба од корекции, треба единствено да кликнете на десното копче „испрати“, по што ќе ви се појави пораката „Ви благодариме на вашата порака!“, што претставува доказ дека вашата порака е испратена до советникот.

Според нашето искуство од користењето, онлајн платформата pishi.im одзема помалку од 10 минути од пристапувањето на сајтот до испраќањето на самата порака, доколку ги имате претходно подготвено прашањата. Со само четири едноставни чекори, може да се исконтактираат советниците од сите општински совети во земјава, а опцијата да се праша советникот е достапна на македонски и на албански јазик.

Мета.мк и Порталб.мк ги очекуваат одговорите од општинските советници во Центар и Чаир на поставените прашања што се од интерес на граѓаните. Во меѓувреме, онлајн платформата pishi.im може да ја користат и оние граѓани кои немаат прашања до советниците, но се заинтересирани да дознаат како функционираат општинските совети, односно како се конституира советот, кои се надлежностите на советот, како се свикува седница на општинскиот совет, што се тоа комисии во општинските совети и начинот на распуштање на општинскиот совет. За полесно користење на онлајн платформата, на pishi.im може да се прочитаат и често поставуваните прашања за начинот на користење на оваа алатка што ја олеснува комуникацијата на граѓаните со општинските советници.

На онлајн платформата pishi.im има статистика и за тоа колку пораки добиле сите советници во земјава од граѓаните и колкав процент од испратените пораки се одговорени. Ваквата статистика е подготвена и за секоја општина одделно, за секоја партија одделно, како и за секој тип на поставено прашање, со што граѓаните по четири години владеење на советниците ќе можат да имаат конкретни бројки за тоа каков е квалитетот на комуникацијата на општинските советници со граѓаните во земјава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...