fbpx

Не се укинати патните трошоци на пратениците

За патни трошоци на пратениците и натаму се наплаќаат огромни суми, а продолжува и праксата за злоупотреби на овие трошоци. Само во изминатата 2022 година, пратениците по основ на патни трошоци наплатиле 360 илјади евра, а 18 од вкупно 73 пратеници кои добиле надомест за патни трошоци имале станови во Скопје – личен имот, или имот на брачни другари, родители, деца...

-

На една година до крајот на мандатот на актуелниот пратенички состав, ветувањето на владејачката СДСМ дека ќе се укинат патните трошоци на пратениците и дека тие ќе бидат заменети со станови за секој пратеник, е неисполнето, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Во изборната програма „Можеме“ (стр 11), со која СДСМ  излезе на предвремените избори во 2020 година, владејачката партија вети дека ќе ги укине патните трошоци за пратениците во Собранието. Една година до крајот на мандатот на сегашниот пратенички состав, ова ветувања не е исполнето.

Ветување: Системот на патни трошоци покажа можност за злоупотреби и сериозно ја намали довербата на граѓаните во своите претставници. Тоа мора да го промениме и, очигледно, на оваа тема политиката на постепени промени не го даде посакуваниот резултат. Затоа, системот ќе го промениме од корен. Ниту еден пратеник нема да добива патни трошоци за патување од Скопје до дома. Собранието ќе обезбеди станови од околу 50 м2 за секој пратеник да може да остане во главниот град во текот на неделата.

 

[Извор: Изборна програма на СДСМ (2020)Можеме (стр. 11); датум – јули 2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на владејачката СДСМ дека ќе ги укине патните трошоци за пратениците и наместо тоа ќе обезбедни станови од околу 50 метри квадратни за секој пратеник да останува во главниот град во текот на неделата, не е исполнето.

Напротив, за патни трошоци на пратениците и натаму се наплаќаат огромни суми, а продолжува и праксата за злоупотреби на овие трошоци. Само во изминатата 2022 година, пратениците по основ на патни трошоци наплатиле 360 илјади евра, а 18 од вкупно 73 пратеници кои добиле надомест за патни трошоци имале станови во Скопје – личен имот, или имот на брачни другари, родители, деца, објави Сител  пред неколку месеци (13.02.2023). Според телевизијата, меѓу пратениците кои добиле надомест за патни трошоци, а имаат имот во Скопје, има и пратеници кои во главниот град поседуваат и до четири станови. Има и такви кои живеат во околината на главниот град, но поради оддалеченоста на нивниот дом од Собранието, наплаќале патни трошоци.

На оваа тема се осврна и македонскиот сервис на Радио Слободна Европа во текст објавен на 16.02.2023 година, во којшто пишува дека пратеници по основ на патни трошоци за 2022 година од државниот буџет добиле од 706 до 770 илјади денари, односно меѓу 11 и 12,5 илјади евра.

Претходно (2020 година), поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева заврши на суд поради поднесени лажни фискални сметки за платени патарини, за патување од Струмица до Скопје, во износ од 6.458.551 денари или 105.000 евра. Во обвинението се наведува дека од почетокот на 2011 година обвинетата имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието, на релација од Струмица до Скопје и обратно, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале.

Во април 2021 година Левица имаше иницијатива за намалување на патните трошоци. Со предложените законски измени од партијата побара четирикратно намалување на сумата за исплаќање на патни трошоци, од 20 на 5 отсто од продажната цена на литар гориво за изминат километар. Ваквиот предлог не стигна ни на дневен ред во Собранието. Во септември 2021 година од Левица информираа дека огромно мнозинство пратеници и од власта и од опозицијата го одбиле предлогот за намалување на патните трошоци:

На поднесеното барање за оваа точка да биде ставена на дневен ред, од присутните 108 пратеници на вчерашната седница, само 19 пратеници гласаа ЗА.

Инаку, согласно постојниот Закон, изменет во 2018 година, на пратениците кои живеат на 100 километри оддалеченост од Собранието им се овозможува право на надомест за закупнина на стан во Скопје, со право на надомест за патни трошоци четири пати месечно од и до нивното место на живеење.

Мандатот на овој пратенички состав влезе во својата последна година, а досега (20.07.2023) патните трошоци на пратениците не се укинати. Така што, ова ветување на владејачката СДСМ го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Наум Локоски

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...