Научниците што ги водат експериментите во големиот хадронски колајдер (Large Hadron Collider) во ЦЕРН објавија дека откриле нова субатомска честичка, наречена пентакварк, јавува „Би-Би-Си“.

Постоењето на честичката првпат беше теоретски претпоставено уште во 1960 година, но како и случајот со Хигсовиот бозон, науката со децении го проблематизираше пентакваркот сè до неговото детектирање во хадронскиот колајдер.

Откритието е објавено во списанието „Физикал ревју летерс“.

Меѓу 2000 и 2010 година, неколку научни тимови тврдеа дека детектирале пентакваркови, но нивните откритија последователно беа поткопани и отфрлени од други експерименти.

„Има извесна историја со пентакварковите, поради што бевме многу внимателни при објавувањето на резултатите од експериментот“, изјавил за „Би-Би-Си њуз“, Патрик Копенбург, координатор на џиновската лабараторија во ЦЕРН.

Инаку, во 1964 година, двајцата физичари, Мари Гел Ман и Џорџ Цвајг, независно еден од друг, предложија постоење на субатомски честички познати како кваркови.

Според нивните теории, клучните карактеристики на честичките познати како бариони и мезони можат да бидат објаснети доколку тие се составени од други конститутивни честички.

Овој модел дозволува постоење на други состојби на кваркот, како што е пентакваркот. Оваа честичка теоретски беше замислена како состав од четири кварка и од еден антикварк.