Фото: Министерство за одбрана

Со транспортен авион на италијанското воено воздухопловство, денеска на скопскиот аеродром пристигнаа 60 респиратори што НАТО и ги донира на Македонија како помош во справување со ковид. Донацијата, вредна 1,4 милион евра, ја најави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на почетокот на месецов, при посетата на премиерот Зоран Заев на седиштето на НАТО во Брисел.

Станува збор за респиратори за транспорт на пациенти, односно машини кои се поставуваат во болнички возила, објасни министерот за здравство Венко Филипче при приемот на донацијата. Респираторите рамномерно ќе бидат поделени на болницата „8 Септември“, Инфективната клиника, Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување и на другите клиники.

Радмила Шекеринска | Фото: Министерство за одбрана

– Денеска можеме да видиме зошто беше многу важно Република Северна Македонија да стане членка на НАТО. И дека сојузот значи солидарност не само на збор, туку и на дело, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска на приемот на донацијата на скопскиот аеродром.

Досега Македонија доби неколку контингенти помош од сојузниците. Најновата членка на алијансата во март достави барање за опрема до Евро-Атлантскиот Центар за координација на одговор на несреќи (Euro-Atlantic Disaster Response Coordination Centre EADRCC) на НАТО, кој ги усогласува барањата на едни земји со понудите за помош, одношно расположивите капацитети и вишокот ресурси на други земји-членки. Прва реагираше Норвешка, која донесе механички респиратори, а АРМ во кругот на Клиничкиот центар ја постави и теренската болница, случајно исто така донирана од Норвешка, но многу пред пандемијата. Но, кога веќе се јави потреба од употреба на теренската болница во справување со пандемијата, Норвешка донираше уште еден тон медицинска опрема за неа. Македонското здравство доби помош и од НАТО-сојузниците САД, Словенија, Унгарија, Турција, Чешка..

Новата пратка помош е обезбедена преку залихите медицинска опрема кои, заедно со посебен солидарен фонд, НАТО ги основаше во јуни за справување со пандемијата

– Ова е дел од залихите кои се лоцирани во Италија, стигнаа со авион на италијанското воздухопловство, со лет финансиран од Луксембург. Неколку земји функционираа заедно за да ни помогнат. Членството во НАТО значи тогаш кога ќе имаш најголеми проблеми, ќе имаш на кого да се потпреш, рече Шекеринска.