Донациајта од Норвешка преку НАТО во касарната Илинден | Фото: Министерство за одбрана

Еден тон маски, наочари, термометри и друг медицински материјал, наменети за теренската болница на македонската Армија, донираше денеска Норвешка преку Агенцијата на НАТО за поддршка и набавки. Донацијата, вредна околу 200 илјади евра, Норвежаните ја транспортираа и на АРМ и ја предадоа во касарната „Илинден“ во Скопје.

Фото: Министерство за одбрана

Донацијата е наменета за теренската воена болница (со „Улога-2“ или второ по сложеност и обемност ниво на здравствена заштита на војската на терен), која чини околу 2 милиони евра, што војската во октомври 2012 година ја доби исто така од Норвешка, како дел од билатералната воено-медицинска соработка, особено во воени операции во странство. На почетокот на пандемијата теренската, или полска, болница беше поставена во дворот на Клиничкиот центар, до Клиниката за инфективни болести.

„Донацијата што ви ја предаваме денес ќе ви ги обезбеди основните алатки кои ќе ви помогнат во борбата против вирусот. Тоа е и мал симбол на благодарност кон сојузничка земја која ние ја сметаме за многу добар пријател!“ – рече норвешкиот министер за одбрана, Франк Баке – Јенсен, во својата видео порака по повод донацијата.

Поради пандемијата на КОВИД-19, болест предизвикана од вирусот САРС-КоВ-2, Северна Македонија на 30 март, речиси веднаш откако формално стана 30 членка, од натовиот Евроатлантски центар за координација на одговор на несреќи побара помош во сузбивање на пандемијата. Вкупно седум НАТО-членки досега побарале помош од ова тело на Алијансата.

Фото: Министерство за одбрана

Оттогаш, земјава за справување со пандемијата доби помош од САД, Словенија, Унгарија, Чешка, Турција и во неколку наврати од Норвешка, која најави уште испораки за справување со вирусот.