fbpx

Народен правобранител: Во 14 квадрати во „Идризово“ спијат по 15 лица, во психијатриските установи се користат синџири и кожни ремени

Народниот правобранител забранува користење метални синџири во болниците, бидејќи беа добиени кредибилни наоди дека тие се користат и за врзување на вознемирените пациенти на креветите, рече Зибери

-

Стравотни наоди претстави Народниот правобранител за состојбата на психијатриските установи каде што осуденици ги отслужуваат затворските казни, но и во затворските установи во земјава. Во фокусот на постапувањето на Националниот превентивен механизам биле психијатриските установи „Скопје“ во Бардовци и болницата во Демир Хисар, каде што во текот на 2022 година биле извршени две посети.

Народниот правобранител Насер Зибери наброја низа примери кои укажуваат на сериозни повреди на човековите права, недостиг од кадар, насилство и несоодветно постапување од страна на медицинскиот кадар.

„Како еден од посериозните проблеми во однос на психијатриската болница во Скопје е нередовноста во примањето на терапијата. Персоналот не може да воспостави ред во делот на примањето на терапијата, а беа добиени и наводи дека персоналот се соочува со закани и напади. Конфликтите меѓу пациентите на одделението се многу чести, вербалните конфликти често резултираат и со физички напади, а ситуацијата е особено алармантна во попладневните и вечерните часови кога во одделението има присуство само на еден медицински техничар и еден болничар“, рече Зибери.

Фото: Принтскрин, видео во живо, МИА

Во судското одделение во Психијатриската болница „Скопје“ нотирани биле и чести бегства во времетраење од неколку часа, но и до неколку месеци, а како причина за бегствата пациентите ги посочувале лошите услови, немањето активности но и неодобрувањето на тераписки викенди. Како слаба алка во функционирањето на судското одделение во психијатриската болница Зибери го посочи слабиот менаџмент, лошите стандарди и, како што рече, „крајно нефункционалниот систем на мерката безбедност“.

Во однос на психијатриската болница во Демир Хисар, Зибери посочи дека објектот не е редовно и доволно одржуван, поради што се наоѓа во крајно лоша состојба и мора да биде извршено целосно реновирање.

„Во една од просториите на персоналот беа најдени кожни ремени за фиксација, за кои ни беше кажано дека не се користат. Беа пронајдени и катанци со синџирче за заклучување простории. Во друга просторија, пак, беше најден и кабел во должина од еден метар, а вработените немаа одговор зошто е таму. Имајќи предвид дека ваквите средства можат да послужат за заплашување и несоодветно постапување кон пациентите, Народниот правобранител забранува користење метални синџири во болниците, бидејќи беа добиени кредибилни наоди дека тие се користат и за врзување на вознемирените пациенти на креветите“, рече Зибери.

И за двете болници беше посочено дека има сериозен недостиг на персонал, односно во Скопје од 397 работни места предвидени со систематизацијата, пополнети се само 318. За ова, Народниот правобранител го повика Министерството за здравство, да изврши пополнување на празните места.

Затворениците спијат на под, по ходници

Ненајавени посети и во затворот „Идризово“ имал Националниот превентивен механизам во текот на 2022 година. За лицата лишени од слобода, како што рече Зибери, се прават скромни напори, но тие се повеќе декларативни отколку реални, а како пример ги посочи условите на затворениците.

„Во Идризово, во затвореното одделение, како минимален стандард се налага 4 квадратни метри по лице. Во третото крило, во 14 квадрати спијат 15 лица, а тоа не е ниту еден квадрат за осуденик. Од нив, шест спијат на душеци на под, а останатите на кревети на четири спрата. Во друга просторија од 21,5 квадрати спијат 11 осудени лица, а во трета на 19 квадрати спијат 10 лица“, рече Зибери.

Загрижувачка состојба, според него, има во четвртото крило. Таму се сместени 124 лица осудени лица, од кои 36 спијат на под во ходник и користат заеднички тоалет. За ова, Зибери приложи и фотографии.

Фото: Принтскрин, видео во живо, МИА

Тој рече дека во Идризово има и затвореници кои спијат на ист кревет, во смени или заедно, бидејќи нема место. Дополнително, вели Зибери, митото и корупцијата се сè уште присутни.

„Сето ова носи кон висок ризик од меѓузатвореничко насилство и нешто за што со години зборуваме, а тоа е здравствена заштита на осудените лица“, вели народниот правобранител.

Дополнителен проблем, според него, е и честото менување на директорските места. Па така, од декември 2021 до јуни 2023, извршени биле пет ненајавени посети во Идризово, а во истиот период сменети биле четворица вршители на должност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците од утре на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од утре, 29 април, ќе бидат на пролетен распуст. Распустот ќе трае 8 дена, а во училишните клупи ќе се вратат...