Основните училиштата во државата добиле допис од Министерството за образование и наука (МОН), да ги поделат свидетелствата на учениците во периодот од 26 до 30 јуни, а во училиштата за средно образование, тоа треба да се случи до 4 јули.
Надлежните во Бирото за развој на образованието (БРО) пред извесно време рекоа дека годинава нема проблеми со печатење, односно со набавка на свидетелства.
Во училиштата за средно образование, свидетелствата треба да бидат доделени до 4 јули.
„Имаме рокови да ги доделиме свидетелствата пред годинешните одмори на професорите, односно до 4 јули. Но, не мора да брзаме да им ги дадеме, учениците во август секако повторно ќе ни ги вратат, бидејќи за да се запише во следна година, ученикот мора да го достави свидетелството како доказ дека ја завршил претходната година. Наша пракса е кога ќе завршат со целото образование на крај, заедно со дипломите да им ги дадеме и свидетелствата од сите години“, објаснува за Мета Андреј Манолев, директорот на гимназијата „Никола Карев“.
Минатата учебна година имаше доцнење на свидетелствата оти не беше најдена фирма која ќе ги печати. Годинава надлежните ветија дека ваков проблем нема да има.
„Склучен е договор со економски оператор и истиот веќе ги испорачува свидетелствата за сите одделенија, а завршена е доставата за учениците од четврто и деветто одделение во основното образование, како и за учениците од завршните години во средното образование“, наведено е во соопштението на МОН.
Од лани, новина е и тоа што согласно новата Концепција за основно образование, сите ученици за прв пат ќе добијат и додаток на свидетелство. Додатокот се однесува само за вон-наставни активности на учениците, односно содржи опис за постигнувањата на ученикот за конкретна вон-наставна активност.
„Во додатокот нема да има оценка, туку ќе има текст. Тој нема да влијае на успехот. Наставниците ќе добијат насоки како ќе треба да се пополни тој документ“, појаснуваат за Мета.мк во Бирото за развој на образованието (БРО).
Во иднина, планирано е со измени на Законот за основно образование и Законот за средно образование, додатокот да има влијание при уписот на учениците во повисоките степени на образование. На пример, ако некој учел изборен предмет од областа на природните науки, а ако сака да се запише на медицина, тогаш додатокот ќе соодветно ќе се вреднува при упис.