fbpx

Професионален војник осомничен за доставување телефони на затвореници во „Идризово“

Обвинителството за него бара мерка притвор оти војникот скрил 10 мобилни телефони во тактичкиот елек од униформата и додека осудениците биле пуштени на дневна прошетка тој застанал до ѕидот и преку две заштитни огради им ги фрлал мобилните телефони

-

Обвинителството поведе постапка против 23-годишник, вработен во Армијата на Северна Македонија кој го обезбедувал затворот „Идризово“, под сомнеж дека ја злоупотребил службената положба бидејќи за затворениците обезбедил 10 мобилни телефони, информираа истражните органи. За вработениот во Армијата обвинителството бара да му се определи мерка притвор.

Настанот, според МВР, се случил вчера, кога полициски службеник за обезбедување на Казнено – поправната установа Затвор „Идризово“ забележал дека Е.С., вработен во Армијата, кој исто така вршел обезбедување на затворот, од една од кулите фрлил кеса со 10 мобилни телефони во дворот од затворот, која била подигната од еден од затворениците.

Согласно куќниот ред, во затворот се забранети мобилни телефони и комуникација без надзор на затворска полиција.

„Откако претходно скрил десет мобилни телефони во тактичкиот елек од униформата која ја носел, тој го напуштил стражарното место и знаејќи дека осудениците биле пуштени на дневна прошетка и го чекаат, застанал до ѕидот од кабината и последователно преку две заштитни огради им ги фрлал мобилните телефони, со цел да им овозможи комуникација без надзор“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Во тоа време, околу пладне, била прогласена кризна состојба на подрачје на затворот, а Е.С. бил ангажиран како надворешно – статично обезбедување од стражарна кула на оградниот ѕид на затворскиот објект.

Од обвинителството велат дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, како и особени околности кои го оправдуваат стравувањето дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител доставил предлог за определување мерка притвор.

Веднаш по дознавање на случајот за припадник на Армијата, кој како дел од составот кој е во поддршка на полицијата за обезбедување на КПУ-Затвор „Идризово“, е забележан како за време на извршување на должност фрлил мобилни телефони во дворот на затворот, од страна на Генералштабот се превземени сите потребни мерки согласно законските регулативи.

Од Министерството за одбрана велат дека од страна на Началникот на Генералштабот веднаш е издадена наредба и дадени конкретни задачи за преземање на сите пропишани законски дејствија и отпочнување на постапка за спроведување на соодветни дисциплински мерки.

„По квалификација на делото од страна на надлежните истражни органи, во рамки на законските надлежности ќе бидат преземени соодветни пропишани дисциплински мерки, кое за конкретниот случај согласно Законот за служба во Армијата, спаѓа во дисциплински престап за кое е предвидена и најстрогата дисциплинска мерка-престанок на работниот однос“, велат од Министерството за одбрана и додаваат дека Генералштабот најостро ги осудува појавите за било каков облик на недозволени или криминални однесувања кои се далеку од начинот на однесување на припадниците на Армијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...