Во просек по еден новинар дневно го губи животот откако започна израелската контраофанзива во Газа, како одговор на терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври. Според Комитетот за заштита на новинари (CPJ) ова е најсмртоносниот месец за новинарите откако се води ваква статистика, односно од 1992 година.
Според Комитетот, од 7 октомври годинава, убиени се најмалку 39 новинари, осум се повредени, 13 се уапсени и тројца се водат како исчезнати.
Меѓународната организација „Репортери без граници“ го повика Меѓународниот кривичен суд во Хаг да ги истражи смртните случаи на осум новинари кои биле убиени во Појасот Газа, како и на еден новинар кој бил убиен во нападот врз Израел извршен од Хамас. Дополнително, тие го посочуваат „намерното, целосно или делумно, уништување на просториите на повеќе од 50 медиуми во Газа“ од почетокот на војната.
Убиството на Исам Абдалах (37), видео-новинар на Ројтерс, 13 октомври
Исам Абдалах бил фоторепортер за новинската агенција Ројтерс. На 13 октомври, бил во Либан со тим новинари, во близина на границата со Израел. Тие ги покривале нападите меѓу Израел и Либан, кои започнаа само неколку дена по нападот на Хамас.
Местото каде што биле стационирани било бомбардирано од две израелски ракети за помалку од 40 секунди. Абдалах загинал во нападот, а дописничката за агенцијата АФП, Кристина Аси, била повредена.
Израел нема прифатено одговорност за нападот и сè уште нема официјално потврдено дека всушност израелска ракета го убила Абдалах, велејќи дека во никој случај не би таргетирале новинари.
Инаку, Абдалах и својот тим не се криеле додека ја вршеле својата работа. Напротив, тие биле на отворено, со цел да имаат чист поглед на борбеното поле. Носеле елеци со јасна назнака – PRESS, со што јасно биле обележани дека се новинари. Истата назнака ја имале и на кровот на нивниот автомобил. Според „Репортери без граници“, ваквите услови значат дека мала е веројатноста тие да биле помешани со либански борци при нападот.
Дополнително, бил забележан хеликоптер како лета точно над нив, и тоа еден час и петнаесет минути претходно. Ова, според „Репортери без граници“, би можело да значи дека тие биле идентификувани и забележани од израелските одбранбени сили.
Ваквиот заклучок за хеликоптерите бил донесен од „Репортери без граници“ бидејќи слична ситуација била забележена и на 9 октомври во Либан – хеликоптер летал над група новинари и потоа бил бомбардиран нивниот автомобил – ист модел како возилото на тимот на 13 октомври и исто така обележано со зборот „PRESS“.
Сите горенаведени околности, односно двете ракети во краток период, тоа што поминал хеликоптер над нив кратко пред нападот, тоа што не се криеле и тоа што се имале обележано како новинари, од „Репортери без граници“ велат дека би можело да значи дека Абдалах и тимот новинари не биле случајно бомбардирани.
Ројтерс го сподели истражувањето на „Репортери без граници“, но не застанаа директно зад наодите, туку апелираа Израел да изврши соодветно истражување.
Од Ројтерс ја истакнаа храброста и емпатијата на Абдалах кога известувал во Сирија за Исламската држава, во Украина за нападот од Русија и во својата татковина Либан. Велат дека неговата страст била заразна и дека „неговата човечност насочи светло и во најтемните места“.
Тој бил еден од првите новинари кој соопштил за распадот на Исламската држава во 2019 година. Бил номиниран за видео-новинар на годината на Ројтерс во 2020 година, а добил награда во 2022 година како дел од поголем тим за нивната новинарска работа во Украина.
„Имам научено низ сите години покривање на конфликти и војни со Ројтерс дека целосната слика на еден конфликт не е само чадот на фронтот, туку и нераскажаните човечки приказни кои можат да нè допрат сите нас“, им напишал Абдалах на уредниците на Ројтерс минатата година по тешка задача во Украина.
Убиството на Рошди Сараџ (31), видео-новинар и ко-основач на Аин Медија, 22 октомври
Палестинецот Рошди Сараџ бил видео-новинар и ко-основач на независната медиумска компанија „Аин Медија“. На 22 октомври бил убиен во воздушен напад на Газа од Израел.
Неговиот татко за Ал Џезира вели дека тој требало да оди на службен пат во Катар на почетокот на октомври, но веднаш ги променил своите планови откако почнал конфликтот во Газа.
„Тој се грижеше за вистината oд почетокот на војната. Беше вклучен во ископувањето луѓе од под урнатините со своите голи раце, вклучително и две хендикепирани девојчиња“, вели таткото на убиениот новинар.
Неговото убиство доаѓа пет години откако другиот ко-основач на „Аин Медија“, Јасир Муртаџа, бил убиен од израелските одбранбени сили во 2018 година. Од Израел тврделе дека тој со дрон се обидел да снима протести во Израел од Газа, но очевидците рекле дека немал дрон, туку само фотографирал.
Тогашниот министер за одбрана тврдел дека Муртаџа всушност бил терорист, капетан во крило на Хамас. Неколку недели по неговото убиство, премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху рекол дека е 100 проценти сигурен дека Муртаџа бил терорист.
Сепак, светски медиуми известуваат дека Муртаџа бил реномиран видеограф чија компанија, „Аин Медија“ добила грант од УСАИД. Од Вашингтон пост велат дека би било невозможно неговата фирма да добие американски грант доколку Израел знаел за негови наводни поврзаности со Хамас. Не само што не бил член на Хамас туку, според израелскиот весник Хаарец, во 2015 година Муртаџа бил киднапиран и претепан од членови на Хамас бидејќи одбивал да им предаде одредено компромитирачко видео што го снимил.
Муртаџа и Сараџ биле пријатели кои ја делеле љубовта кон фотографијата и филмот. Во 2011 година отвориле Фејсбук страница наречена „Око на Газа“, со цел документирање на секојдневниот живот во појасот. Во 2012 година ја отвораат медиумската компанија „Аин Медија“, која има соработка со Ал Џезира при изработката на документарни филмови.
„Со убиството на Рошди, ’Аин Медија‘ губи уште еден скапоцен дел од својата душа. Во 2012 година, Јасер и Рошди работеа заедно од срце на фото-документаристички проект за секојдневниот живот во Појасот Газа, а не за смртта. Газа е живот. Рошди и Јасер се живот: тие им дадоа глас на луѓето во Газа, на нивните насмевки, на приказните заклучени од страв, на надежите тајно затскриени од угнетувањето на израелската окупација“, велат од компанијата.
Убиството на семејството на Ваел Дахдух, дописник за Ал Џезира, 25 октомври
Моменталната состојба во Газа доведува и до други емоционални потешкотии при известувањето. Имено, што повеќе цивили се убиени, толку повеќе се зголемува шансата дека некои од блиските на новинарите ќе бидат убиени.
Таква е судбината на Ваел Дахдух, главниот дописник од градот Газа на Ал Џезира на арапски јазик. Тој известувал во живо кога ја добил веста дека бегалскиот камп каде бил сместено неговото семејство бил погоден од израелска ракета. Во нападот загинале неговите жена, син, ќерка и внук.
Тој известувал во градот Газа и тукушто го релоцирал своето семејство во јужниот дел од Газа, следејќи го советот на израелските одбранбени сили.
„Имавме сомневања дека израелската окупација нема да ги пушти овие луѓе да си одат без да ги казни. И за жал, тоа се случи. Ова е „безбедната“ област за која зборуваше окупаторската армија“, изјави Дахдух.
Неговиот син Јехија претрпел сериозни повреди, а докторите морале да го оперираат во ходникот на болницата поради тоа што таа била преполна.
„Ваел има известувано и продолжува да известува за животот во Газа за да му покаже на светот каков е. Со тоа, тој ни покажа на сите колку е силен и способен да ја надмине својата болка. Тој нема да ја заборави оваа болка, таа ќе остане во него, бидејќи ги загуби сопругата, синот, ќерката и внукот. Но, Ваел гледаше подалеку од катастрофата што него го снајде, за да ни укаже дека трагедијата на палестинскиот народ е тоа што треба да се покрие“, вели Асеф Хамиди, директорот на Ал Џезира на арапски јазик.
Веќе подолг период наназад е вперено обвинение кон Израел за убиства на новинари. Според истражувањето на Комитетот за заштита на новинари, се забележува континуирано неспроведување на правдата во однос на убиствата на новинарите, како и одбивање одговорност, отфрлање и фалсификување на докази и пласирање на лажни наративи, вклучувајќи и обвинувања дека новинарите се всушност терористи.
Според истражувањето, од 2002 година до мај 2023 година, најмалку 20 новинари биле убиени од страна на израелските одбранбени сили. Досега никој нема отслужено затворска казна за ниту еден од смртните случаи. Во истражувањето се заклучува дека неказнивоста во овие случаи сериозно ја загрозува слободата на новинарите во Израел.