fbpx

Изјавата на Аврамовска Мадиќ за интегритет и за напредокот на Судскиот совет е недоследна

Судскиот совет може да има легитимитет, како што вели Мадиќ, бидејќи е избран во Собранието, но тешко дека може да се зборува со сигурност околу интегритетот на телото после сè што се случи

-

Судскиот совет може да има легитимитет, како што вели Мадиќ, бидејќи е избран во Собранието, но тешко дека може да се зборува со сигурност околу интегритетот на телото после се што се случи, а уште помалку дека работите се придвижувале само затоа што членовите на Советот носеле одлуки сè почесто едногласно, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Заменик министерот за правда Викторија Аврамовска Мадиќ даде изјава околу функционирањето на Судскиот Совет која може да се оцени како недоследна:

Сите органи што се избрани од страна на Собранието, вклучувајќи го и Судскиот совет кој имап претставници од редот на судиите што сами ги избрале, во дејствувањето имаат свој легитимитет, интегритет и можат да дејствуваат. Гледаме дека во изминатите месеци Судскиот совет делува, носи одлуки едногласно, се придвижуваат процесите. 

[Извор: ТВ Телма – прилог/изјава/веб – датум: 07.11.2023]

 

Oбразложение:

Заменичката на министерот за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, која на оваа функција дојде од местото државен советник во Судскиот совет, одговорајќи на прашања на новинарите околу состојбите во ова тело даде тврдење кое може да се оцени како невистинито. Аврамовска Мадиќ размислува дека со самиот факт што Судскиот совет почнал да носи едногласни одлуки во последно време е знак за позитивно придвижување на состојбите околу ова тело.

Заменичката на министерот оваа изјава ја даде запрашана да ја коментира изјавата на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми за причините зошто не се одзвала на поканата на Советот по нејзините изјави за притисоците врз судиите. На тоа, Аврамовска Мадиќ се извлекува елегантно – не коментирам судски ставови и одлуки, бидејќи тоа би било мешање на извршната во судската власт. Без да направи фина дистинкција кога и зошто треба да се замеша извршната власт и да појасни дека таа, де факто, е и вмешана.

 

Кулминацијата на скандалите започна со оставката на Црвенковска

А, извршната власт реши и формално да се замеша во судската, откако годинава состојбите во Судскиот совет кулминираа. Најпрво, по минатогодишната оставка на тогашната претседателка Павлина Црвенковска, со изјава за притисоци и „хајка на група од судско-бизнис елита“, беше избрана Весна Дамева. Не поминаа пет-шест месеци од нејзиниот избор, а во момент кога требаше да се утврдува евентуална одговорност за судија од Апелациониот суд околу долгата постапка пред да ја ја укине првостепената пресуда во предметот Таргет-Тврдина, Весна Дамева беше сменета на „пуч седница“ на Судскиот совет, која притоа беше и незаконски затворена за јавност.

Ова што за претседателката на ДКСК личи на „страшна трговија со влијание“ се случува на крајот на април и во мај 2023 година, по што, севкупната експертска јавност се крена на нозе со критики и протести против постапките и состојбите во Судскиот совет, а слични изјави имаше и од извршната власт.

Некаде во јули, евроамбасадорот Дејвид Гир соопшти дека ЕУ наскоро ќе испрати оценска мисија за Судскиот совет, при што изјави:

Ги следиме случувањата во Судскиот совет одблиску и со голема загриженост. Судскиот совет треба да игра многу значајна улога – да ја штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството. Јасно е дека не го прави тоа. И она што го видовме неодамна е навистина многу загрижувачки.

Челникот на оценската мисија, хрватскиот врховен судија Бранко Хрватин пристигна во земјата на крајот од јули за да направи подготовки за мисијата што пристигна во септември. Хрватин при доаѓањето се сретна со вицепремирката за добро владеење Славица Грковска, а така и ја заврши својата работа на крајот од септември, повторно со средба со Грковска. Тој не даде изјави, ниту пак извештајот е пристигнат во министерството за правда. Но, Грковска по средбата на крајот од септември изјави дека ги запознала гостите со загубениот кредибилитет на Судскиот совет:

За жал, Судскиот совет како една од најважните институции која треба да гарантира независност, објективност, ефикасност и квалитет во правосудниот систем, го изгуби кредибилитетот и мора да се преземат итни мерки за надминување на оваа состојба.

 

Адеми: Јавноста не видела реакција на Судски совет

Неодамна, значи нецели два месеци по оценките за Судскиот совет што ги читате, следуваа низа скандали поврзани со менувањето на Кривичниот законик и последиците што се одразија во застарувања на повеќе клучни предмети што ги водеше поранешното СЈО, а како капак на шпекулациите дека сето тоа е подготовка и за враќањето на поранешниот премиер, Никола Груевски, следуваше изјавата на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, дадена во рамки на интервју за СДК.мк, дека Врховниот суд е под притисок и тој е поврзан со Груевски. На ова следеше покана од Судскиот совет, но откако Адеми не се одзва на поканата, доволно јасно преку соопштение кажа дека не го смета Советот како тело што ќе ги заштити судиите од притисоци:

На притисоци преку конкретни изјави и за конкретни случувања укажаа дури и членови на Судскиот совет, но и поранешни претседатели на Судскиот совет на Република Северна Македонија. И покрај ваквите укажувања јавноста не доби одговори дали Судскиот совет презел соодветни дејствија, појаснувајќи за какви притисоци се работело. Законските одредби на кои се повикувате во поканата до Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија, иако погрешно цитирани и во двете верзии, беа и тогаш во важност. Претпоставувам и тогаш имаше потреба од итно и без одлагање да се разгледа прашањето за притисоците и влијанијата во органот на судството кој ја гарантира независноста на судството.

Имајќи ги предвид овие аргументи, како и други изјави на министерот за правда, судии поединци, експерти, итн., а имајќи предвид дека е формирана и работна група за реформи на Судскиот совет, сосема е евидентно дека изјавата на заменик министерот за оравда Викторија Мадиќ, дека „во изминатите месеци Судскиот совет делува, носи одлуки едногласно, се придвижуваат процесите“, е недоследна.

Судскиот совет може да има легитимитет, како што вели Мадиќ, бидејќи е избран во Собранието, но тешко дека може да се зборува со сигурност околу интегритетот на телото после сè што се случи, а уште помалку дека работите се придвижувале само затоа што членовите на Советот сè почесто носеле одлуки едногласно.

Извори:

 

Оцени: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...