Мерките преземени за подобрување на енергетската ефикасност на домовите и замената на старите грејни тела и шпорети со нови во над 120 домаќинства во населбата Лисиче, дадоа резултат и покажаа намалување на загадувањето на воздухот внатре во домовите и во околината каде што беа направени интервенциите. Овие анализи беа презентирани на завршниот настан на проектот „Справување со загадувањето во Скопје“, финансиран од Шведска, а спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Град Скопје.
Податоците врз кои се направени анализите беа собирани од повеќе мобилни и статични мерни станици кои во минатите две години беа поставени на повеќе места низ населбата и вршеа мерења на загаденоста на воздухот, кои потоа беа анализирани со најсовремена опрема на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, набавена токму за оваа намена, информираат од УНДП.
„Сега, повеќе од кога било, е важно загадувањето на воздухот да биде во фокус бидејќи здравјето на граѓаните треба секогаш да е јасен приоритет за оние што носат одлуки. Шведска ја знае опасноста од овој проблем и затоа воспостави соработка меѓу Шведската Агенција за заштита на животната средина и Министерството за животна средина и просторно планирање донирајќи 22 инструменти за мерење на квалитетот на воздухот поставени во осум станици за мониторирање. Ова ќе им даде подобра слика на институциите и на граѓаните каква е состојбата и како подобро да се справуваат со загадувањето на воздухот“, изјави шведската амбасадорка Ами Ларсон-Џеин.
Министерот за животна средина Насер Нуредини изјави дека земјава останува на определбите дека мора да се внимава при користење на енергенсите што ќе ги користиме за затоплување, да се избираат енергенси што се помалку штетни за животната средина, без оглед дали станува збор за дрво, пелет или слично бидејќи станува збор за нашето здравје.
„Голем број жители на Лисиче, добија можност преку програмата на УНДП, финансирана од Шведска, да ги обноват своите домови со што се придонесува за поголема енергетска ефикасност и за намалување на изворите на загадување, а водејќи се од овој успешен пример, ќе преземеме слични чекори и како општина. Ние како општина и до сега бевме посветени на изнаоѓање трајни решенија за справување со ова прашање, но секогаш треба да целиме кон повеќе. Од клучно значење за квалитетот на живот во Аеродром е да изнајдеме модели со кои ќе придонесеме за намалување на загаденоста на воздухот, како и на севкупната животна средина“, изјави градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
Во рамки на проектот вреден над два милиони американски долари, 129 социо-економски ранливи домаќинства добија финансиска помош. Во 81 домаќинство се заменети старите врати и прозорци со нови, направени се 39 енергетски ефикасни фасади и реновирани се 33 покриви. Инсталирани се 428 инвертери и пет топлински пумпи, а 37 стари печки и шпорети се заменети со со нови печки на пелети.