fbpx

На Скопје му се заканува прекин на јавниот превоз, ЈСП не доби нови субвенции

Директорот на ЈСП-Скопје, Крсте Петревски пред гласањето предупреди дека доколку градските советници не ја поддржат одлуката за субвенции на ЈСП-Скопје, ќе предизвикаат застој во јавниот превоз во Скопје, а вработените ќе останат без плата

-

Ќе има ли повторно застој во скопскиот јавен превоз и неисплатени плати на вработените во ЈСП-Скопје? Советот на Град Скопје денеска не ја усвои одлуката за издвојување на дополнителни субвенции за ЈСП во висина од 110 милиони денари, поради тоа што советниците на ВМРО-ДПМНЕ иако беа присутни на седницата, не гласаа за оваа одлука и овозможија истата да не се усвои. За давањето субвенции на ЈСП-Скопје 22 советници гласаа „ЗА“.

Директорот на ЈСП-Скопје, Крсте Петревски пред гласањето предупреди дека доколку градските советници не ја поддржат одлуката за субвенции на ЈСП-Скопје, ќе предизвикаат застој во јавниот превоз во Скопје, а вработените ќе останат без плата.

Тој појасни дека главните расходи на јавното претпријатие годинава се нафтата, за која ќе се потрошат 480 милиони денари до крајот на 2023 година. За горивото метан се предвидени 110 милиони денари, а идентичната сума е планирана за да се исплатат обврските за кредитот за новите автобуси на МАН што се набавија пред неколку години. Петревски рече дека за извршување на услугите на приватните превозници годинава треба да се издвојат 340 милиони денари.

„Претпријатието без помош од субвенциите на Градот Скопје се изложува на тешка состојба. Ќе има проблем за нормално функционирање, бидејќи и приходите од сопствени приходи на претпријатието се некаде годишно околу 930 милиони денари“, изјави директорот на ЈСП.

Тој додаде дека од владата ги немаат добиено и ветените средства од З60 милиони денари, кои се наменети за покривање на трошоците за бесплатен превоз на различни категории на граѓани. Ветено е дека се влезени во ребалансот на буџетот, но не им се исплатени средствата на ЈСП од владата. Расходите на ЈСП се проектирани на над 2 милијарди денари годишно.

Горан Шутаров од советничката група на СДСМ изјави дека нивната советничка група ќе ја поддржи одлуката за дополнителни субвенции од 110 милиони денари за ЈСП-Скопје од Градот Скопје и потенцираше дека тие и претходно ја давале поддршката.

„Не сакаме граѓаните коишто го користат јавниот превоз – студенти, средношколци и останата категорија на граѓани коишто се возат со јавен превоз, да се случи истата ситуација ЈСП да престане да ги извршува услугите за коишто е основано“, рече Шутаров од СДСМ.

Советникот од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ изјави дека не се согласува со констатацијата на директорот на ЈСП дека Советот на град Скопје ја кочи работата на ЈСП-Скопје.

Станковиќ потсети дека откако ги добиле мандатите како советници една од првите точки коишто биле на дневниот ред се извештаите за состојбата на јавните претпријатија. Тој вели дека и денес во извештаите од ЈСП-Скопје не може до крај да се види точно каде одат и како се трошат предвидените средства.

Малиша Станковиќ ја потсети градоначалничката дека на 12-ти декември минатата година Советот донел одлука да достави извештај за севкупното работење на ЈСП – Скопје, а тогаш како Совет дале рок од седум дена за да биде доставен тој извештај. Советниците не го добиле овој извештај, реагираше незадоволен советникот Станковиќ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...