Родовите стереотипи најмногу се учат дома во семејството – секој трет млад човек ги искусил

Над 65 отсто од младите сметаат дека родовите стереотипи се присутни во нивното најблиско опкружување

фото: Национален младински совет на Македонија (НМСМ)

Секој трет млад човек во земјава лично искусил родово стереотипно однесување и негативни влијанија од него, а почесто родовите стереотипи ги искусувале младите жени. Родовите стереотипи почесто се искусени од младите од малцинските етнички заедници, па така секој втор испитаник или испитаничка со ромска или албанска етничка припадност лично биле погодени од негативните влијанија на родовите стереотипи.

Ова се дел од клучните наоди на документот „Анализа на родовите (не)еднаквости низ призмата на младите во Северна Македонија“ што денеска го презентираа Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и Мрежата Стела. Студијата се фокусира на родовата сензибилност на младите, односно родовите стереотипи и предрасуди кои ги имаат младите лица и нивното влијание врз родовите нееднаквости во општеството.

Повеќе од 90 отсто од младите слушнале за терминот родова еднаквост, но не се доволно запознаени со неговото значење.

Дека во Северна Македонија нема родова еднаквост сметаат 63,1 отсто од жените, како и повеќе од половина од младите мажи, односно 55,1 отсто.

Мнозинството од испитаниците од албанската и македонската етничка заедница се свесни за штетноста на родовите стереотипи, но секој трет испитаник од ромската етничка група не е свесен, односно не знае дали родовите стереотипи се штетни за напредокот во општеството.

Анализата покажала дека над 65 отсто од младите сметаат дека родовите стереотипи се присутни во нивното најблиско опкружување.

„Јасно е дека во Северна Македонија постојат родови нееднаквости, кои мора да ги надминеме. За илустрација, повеќе од половина од жените на работоспособна возраст не се вработени, а 62% од нив не бараат работа поради тоа што се грижат за семејството. Дополнително, повеќе од половина од времето што жените го посветуваат на работа е неплатено, а и нивната платена работа е помалку вреднувана. Жените со високо образование заработуваат 22% помалку од мажите со високо образование“, рече на презентацијата на документот Албина Сефадини, програмска координаторка во НМСМ.

Во однос на тоа каде ги учат, слушаат или гледаат родовите стереотипи и каде младите сметаат дека најчесто се појавуваат, на прво место е кругот на семејството, по што следат социјалните мрежи и образовните институции.

Притоа, девојчињата многу почесто ги забележуваат родовите стереотипи кои несразмерно повеќе ги погодуваат во образовниот процес.

Најмногу родово стереотипни убедувања кај младите има по однос на политичката активност и учеството во донесување одлуки на жените.

Студијата заклучува дека иако младите се делумно запознаени со придобивките од родовата еднаквост, односно кои услови треба да ги исполнува едно општество за да постигне целосна родова еднаквост, сепак информираноста е нецелосна и има потреба од подигање на свеста и родова сензибилизација на младите. Исто така, значајно е при креирањето на политики или програми на национално и на локално ниво да се направи процена на влијанието врз родовата еднаквост.