На погон во Штип ќе му се одземе Б-интегрираната дозвола, горел гума и пластика без заштита

Државниот инспекторат за животна средина бара од Општината Штип да ја одземе Б- интегрираната дозвола на погонот за горење гуми и пластика САНС-АГ, заради непочитување на обврските од дозволата и сериозно загадување на воздухот и почвата. Инспекторите, во вонредна контрола во фирмата, која била направена по преставка на Министерството за одбрана, за да се утврди влијанието на работата на погонот врз лицата што престојуваат во стрелиштето Пенуш и полигонот Криволак, утврдиле дека ниту една обврска која била преземена од Б-интегрирана дозвола од аспект од технолошкиот процес, видот на постројката или начинот на складирање на суровините и готовиот производ не се почитува.

„Со дозволата се предвидува отпадна гума и пластика да се горат во затворен процес со пиролиза на 450-550 Целзиусови степени, при што доаѓа до хемиско разложување и добивање течна фракција – нафта и цврст остаток, а не се врши емисија во воздухот, поради применет систем за ладење, базен и ладилна кула. Била предвидена постројка што спаѓа во најдобри достапни техники, со систем за автоматска декомпресија, автоматско празнење на талог и безопасни и незагадувачки продукти. При надзорот беше утврдено дека инсталацијата не е целосно изведена, процесот не е затворен, а емисиите од согорувањето на гуми и пластика слободно се испуштаат во атмосферата. При такви процеси вообичаено се испуштаат канцерогени гасови фурани и диоксини, кои делуваат на повеќе органи и предизвикуваат трајни последици“, информираат од Државниот инспекторат.

Погонот што загадувал се наоѓа на 8,5 километри од центарот на Штип и само два километри од селото Пенуш. Инспекторите констатирале дека вработените не ги складираат ниту готовиот производ ниту суровините на соодветен начин. Течното гориво, добиено од горење на гумите, го чувале во цистерни поставени на палети, наместо на водонепропусна подлога, што треба да обезбеди доволен волумен за собирање на потенцијално излеана течност, додека, пак, пепелта од согорувањето, што потенцијално содржи токсични материи, била собрана во џамбо вреќи и складирана на земја.