fbpx

На Лешница природата страда, граѓаните и планинарите протестираат, ама малите ХЕЦ се градат

-

Лешница, алпската долина во срцето на шарскиот масив, заштитена со највисоките врвови на Шар планина – Титов врв, Бакрдан, Среден камен, Плат, досега посетувана најчесто од планинари, ловџии и љубители на природата, чиј заштитен знак се столетните елови и букови шуми, а низ неа тече и река Пена, како и Лешничка и Кривошиска река. Оваа природна убавина, досега речиси непозната за пошироката јавност, деновиве се најде и во медиумите и на социјалните мрежи, каде се повикуваше за спас од уништување на нејзините столетни шуми. Споделувани беа снимки на кои се гледаат огромни количества исечени дрвја кои се поредени покрај пат на две локации – над туристичката населба Попова Шапка и на шумски пат кај Долна Лешница.

Новинарите на „Мета.мк“ беа на терен и увидоа дека објавените дрвја ги сече ЈП „Национални шуми“ според нивниот десетгодишен план, што е во рамки на законот. Но, истовремено, шумата на Шара се уништува и од страна на компании кои таму градат мали хидроелектрани. И оваа сеча е во рамки на законот, за што компаниите на јавното претпријатие му платиле износ од околу 32.000 евра, според документите до кои дојде „Мета.мк“. Иако, јавното претпријатие на ваков начин заработува, природата на Шар планина од ваквите законски решенија има само зијан. За разлика од луѓето, природата ги почитува природните закони.

Марш за спас на Лешница

Викендов во организација на граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“ беше одржан и марш за спас на Лешница, на кој преку 200 планинари и загрижени граѓани упатија порака до властите да запре уништувањето на природната убавина на овој предел од сечењето шума и пробивањето на патишта за потребите на изградба на малите хидроцентрали.

„Бараме од сите институции итно да ја запрат изградбата на малите хидроцентрали. Тие ја немаат се уште целосно потребната техничка документација, треба да се анализираат последиците кои тие ги оставаат на прородата. Овој проблем ја зафати Шар Планина на Косово, во Албанија, како и во Македонија“, вели Хамди Сулемани од „Да ја спасиме Попова Шапка“.

Откако од Национални шуми категорично потврдија дека снимените исечени дрвја се нивна сопственост и дека се работи за планска сеча на локацијата кај Долна Лешница, „Мета.мк“ излезе на терен со екипа на ова јавно претпријатие за да направи увид во реалната состојба. Над Попова Шапка, на патот кој води до Јелак и Лешница, се уште стојат снимените исечени столетни елки, искастрени и подготвени за транспорт.

„Секое дрво кое го исекле екипи на Македонски шуми се обележени со печат и пластичен жиг на кој е означен сериски број и категорија на исеченото дрво“, вели Пане Симиќ, директор на тетовската подружница на ЈП Национални шуми.

Ни го покажа Планот за стопанисување со шуми на ШСЕ „Лешничка шума“ за периодот од 2019 до 2028 година. Според овој план предвидено е секоја година во Лешница да се исечат преку 2.000 кубни метри квалитетна шума, за која, како што велат во претпријатието, има веќе договорени купувачи, а овие дрва само чекаат на утовар. Можевме да се увериме дека сите имаа жигови, постарите и подебелите дрвја, меѓу кои имаше покрупни примероци за кои ни беше кажано дека се стари и по 180 години се најчесто означени со 3-та категорија и се користат за дрвна граѓа бидејќи се со послаб квалитет, додека помладите се означени со 2-ра и се поквалитетни, за мебел.

Од тетовската подружница на Национални шуми категорично негираат дека се уништува шумата на Лешница, бидејќи за тоа кое дрво треба да се исече одлучуваат шумарски инженери и не се сечат млади дрвја туку стари, велат, за да се ослободи простор за раст на млади дрвја кои инаку би ја немале потребната светлина и прихрана за да пораснат. Тие тврдат дека на Лешница не се прави гола сеча. Од она што можеше да се види на лице место, на терен не можевме да видиме гола сеча и уништување на шумата.

„Заробени“ планински реки

Сепак, на Лешница се забележува свежо пробиен пат со багер, крај кој има уништено одреден број на дрвја. Овој пат, според информациите од мештаните од најблиското село Бозовце, се пробива надолу покрај реката и на него е предвидена изградба на две мали хидроцентрали. На лице место не затекнавме багери, туку ни беше кажано дека тие работат неколку километри подолу, на локација која не е достапна со теренско возило. Снимките од лице место покажуваат дека багерите носат ознака на „АК Инвест“, тетовска фирма која во своето портфолио има веќе неколку изградени мали хидроцентрали во пределот на Шар планина.

„Ние, жителите на Бозовце сме револтирани од она што се случува со изградбата на малите хидроцентрали во нашиот крај бидејќи гледаме како тие ги уништуваат реките и планината. Бараме од оние што дозволиле вакви објекти да се градат на нашите реки, веднаш да ги запрат бидејќи се прави огромна еколошка штета. Наскоро ќе немаме вода за пиење ниту ние што живееме покрај овие реки, ниту дрвјата и животнинскиот свет околу нив“, вели Шахин Фазлија, човекот кој ги објави снимките на исечената шума на Лешница на социјалните мрежи, планинар, водич и фотограф, чиешто земјиште се наоѓа на трасата на патот и на цевките на идните хидроцентрали.

Тој тврди дека никогаш нема да ја продаде својата земја за на неа да се градат МХЕЦ.

Екипата на ЈП Национални шуми не сакаше да коментира за уништувањето на пределот на Лешница за потребите малите хидроцентрали, но сметаат дека тие со своето работење не само што не ја загрозуваат туку се грижат и ја негуваат шумата. Тие тврдат дека се работи според духот на Законот за шумите кој вели дека со шумите се управува и стопанисува на начин со кој трајно ќе се сочува и зголеми нивната површина, вредноста, да се обезбеди најголем прираст според природните услови и да се сочуваат и подобруваат нивните општокорисни и производни функции.

Сепак, во истиот закон, во член 15 стои и дека за трајна пренамена на шуми и шумско земјиште се плаќа надоместок во висина на вредноста на утврдената штета, додека пак во член 46 стои дека за изградба на објекти во шума, на корисникот, односно на ЈП Национални шуми му се плаќа надоместок во висина од вредноста за пошумување на површината колку што изнесува површината на која е предвидена градба на објект, дрвната маса, изгубениот прираст и општокорисните функции.

Според документите кои ги доби на увид „Мета.мк“ токму врз основ на овој член од законот, ЈП Национални шуми наплатиле надомест во висина од 1,93 милиони денари за уништена шума и шумско земјиште на фирмата „Гравис хидро“ со седиште во Гостивар за потребите на две мали хидроцентрали од сливот на реките на Лешница – МХЕ „Пена“ и МХЕ „Шеличе“. „Гравис хидро“ се јавува и во официјалните документи на Министерството за животна средина кое склучува договори за издавање под концесија на реките како и на Регулаторната комисија за енергетика која издава лиценци за обновливи извори како концесионер на дури четири мали хидроцентрали – три на реката Пена и една на реката Шеличе.

Јавното претпријатие наплатило и околу 28.000 денари по истиот основ од АК „Хидро“, концесионер на мала хидроцентрала на Вејачка река, притока на Пена, исто така на просторот кој гравитира кон регионот на Лешница, која треба да биде пуштена во работа 2021 година. Според истата листа на Министерство за животна средина за склучени договори за доделување на концесии за мали ХЕЦ од 2015 година, како концесионер за истата мала хидроцентрала на Вејачка река фигурира АК „Инвест“, а не АК „Хидро“, од што може да се заклучи дека тие две фирми се поврзани.

Само во јануари годинава Владата објави повик за седум нови мали хидроцентрали на шарпланинските реки. Еколошките здруженија постојано укажуваат на опасноста од малите хидроцентрали по биодиверзитетот и уништувањето на природните убавини во подрачјата кои се под заштита или треба да бидат под заштита на државата поради своите природни карактеристики. На прогласувањето на Шар планина за национален парк со години работи Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со УНДП. Истото Министерство издава дозволи за концесија на МХЕЦ, повикувајќи се на физибилити студијата за оправданоста на доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија со изградба на 80 мали хидро-електрични централи. Овој документ не е достапен на интернет.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...