fbpx

На градоначалниците им измина половина мандат – многу ветувања сè уште стојат во фиоки

На граѓаните на Скопје во изборната кампања им беше бесплатен јавен превоз кој требаше да го обезбеди Данела Арсовска, а во бројни општини се даваа изјави за решавање на проблемите со аерозагадувањето, како и бројни инфраструктурни зафати што ќе бидат завршени од страна на тогашните, нови градоначалници

-

Пред точно две години, во Македонија се одржа првиот круг од локалните избори, на кои општините добија нови градоначалници и совети. Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција во двата изборни круга освоија градоначалници во 40 општини вклучувајќи го и Градот Скопје, СДСМ доби 18 градоначалнички места, додека ДУИ 13. На граѓаните им се ветуваа „брда и долини“, па така Скопје требаше да добие бесплатен јавен превоз кој го вети Данела Арсовска, а во бројни општини се даваа изјави за решавање на проблемите со аерозагадувањето, како и инфраструктурни зафати што ќе бидат завршени од тогашните, нови градоначалници.

По изминат половина мандат, власта и опозицијата на национално ниво денес се наоѓаат на спротивната страна од медалот. ВМРО-ДПМНЕ како власт на општинско ниво периодов води кампања „Важно е! Од тебе зависат промените“. Лидерот Христијан Мицкоски ги минува општините каде што има градоначалници, пушта нови игралишта и други инфраструктурни зафати, не пропуштајќи притоа да истакне дека централната власт ја опструира работата на неговите градоначалници и недоволно инвестира во локалните самоуправи кои се предводени од ВМРО-ДПМНЕ.

Па така, кога Мицкоски ја посети скопската општина Аеродром на 12 октомври годинава вети дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе испорачала дури 11,5 милиони евра годишно во буџетот на Општина Аеродром за реализација на капитални проекти.

„Ние планираме да бидеме влада која што ќе биде влада на целата територија во Македонија, за сите граѓани, за сите општини без разлика дали тоа се од ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците, БЕСА или се независни градоначалници.  Планираме да бидеме влада која што ќе испорача до 250 милиони евра годишно директно од буџетот во општини капитални проекти“, изјави тогаш Христијан Мицкоски.

Два дена подоцна, на 14 октомври градоначалникот на Штип, Иван Јорданов рече дека важно било на претстојните парламентарни избори да победи ВМРО-ДПМНЕ за да се реализираат проектите коишто се неопходни за Штип.

„Ајде од овде да испорачаме порака дека наредните месеци ќе се крои иднината на Република Македонија. Затоа што важно е да централната власт заедно со локалната власт го кренат Штип, заедно да ги изградиме булеварите, градинките, водоводните мрежи, она кое што заеднички го ветуваме и она кое што секојдневно го работиме“, рече Јорданов.

Со ваквите изјави, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но и неговите градоначалници, го менуваат досегашниот дискурс за тоа што како ветувања ќе исполни општинската власт под нивно раководство, во нов дискурс за тоа дека многу им е неопходна помошта од државата за да можат градоначалниците да ги реализираат локалните ветувања.

Две години по локалните избори, од СДСМ кои се опозиција во најголемиот дел од општините, излегоа со поинакви обвинувања до градоначалниците. Тврдат дека ветувањата на општинско ниво градоначалниците ги немаат исполнето. Најдалеку во критиките социјалдемократите отидоа со општините Аеродром и Прилеп.

Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова денеска рече дека Христијан Мицкоски и Тимчо Муцунски лажат кога велат дека Општина Аеродром нема поддршка од владата. Таа ги потсети двајцата дека владата на СДСМ го изградила новото училиште „Димитар Македонски“ во Лисиче, го реконструирала патот од Долно Лисиче до Драчево, гради нова полициска станица во Аеродром и реконструирала две улици во Лисиче.

Истовремено, пратеничката Николова го праша Муцунски каде се ветените четири нови градинки во Аеродром, новиот парк „Радост“ од 6.000 метри квадратни во Реонскиот центар, новите гимназија и општинска зграда, мултифункционален центар со младински центар, Музеј на МЗТ, кино сала и театарска сцена во Ново Лисиче и други проекти.

„Иако наследи полна општинска каса, Тимчо Муцунски потроши два општински буџети, а ништо од овие ветувања не реализираше“, изјави пратеничката од СДСМ, Даниела Николова.

Од општинската организација на СДСМ во Прилеп денеска му испратија порака на Борче Јовчески дека е најслабиот градоначалник во историјата на Прилеп.

„Двегодишното владеење на Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ е најголемата елементарна непогода која било кога ја зафатило територијата на општина Прилеп“, се вели во соопштението на СДСМ, констатирајќи дека ги прилепскиот градоначалник ги нема реализирано ветените катни гаражи, трите кружни гаражи во Прилеп, реконструкцијата на старата чаршија и многу други проекти.

Инаку, мандатот на градоначалниците и општинските совети трае четири години. Нови локални избори во земјава во редовен термин треба да се одржат во есента 2025 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...