fbpx

На Фејсбук убиства не се решаваат!

Ќе си ги задржиме теориите за себе, пред бескрупулозно да ги „шлапнеме“ на Фејсбук и ќе ги чекаме првите резултати од истрагата или пак додека дојде до тоа, повторно ќе се поларизираме во нашата замислена фејсбуковска детективска истрага со која нанесуваме само штета?

-

Сведоци сме на непотврдени информации во однос на семејниот приватен живот на семејството на 14-годишната Вања, секакви теории на заговор, стотици и стотици чуени-недочуени-претпоставени мотиви за двете убиства, исполитизирани и испреплетени во една мистерија која сега наводно ја расплетуваат корисници на социјалните мрежи, со што се создава целосна конфузија во однос на два трагични настана, едни од најбизарните во поновата македонска историја.

Факт е дека постојат голем број неодговорени прашања во однос на мотивите, зошто и како се случиле убиствата и што ги поврзува. Факт е и дека тоа доведува до збунетост кај јавноста. Факт е и дека голем број од луѓето немаат доверба во институциите. Но, исто така и факт е дека кога еден случај е во предистрага, а од пред неколку дена во истрага, не може и не смее да се очекува на чинија да го имаме она што го знаат истражните органи. Затоа се тие истражни органи, а ние сме јавност. Затоа се викаат истражни, оти истражуваат. Замислете како би личело сè што тие знаат, да го соопштуваат во јавност, на мегдан, во живо, вака:

Го истражуваме таткото на девојчето. Негира. А не, чекајте, имаме нов момент. Ајде, сега ќе ви го дадеме целиот извештај од обдукцијата за да прочитате сите низ што се девојчето поминало, пред да биде убиено. Седете така, сега ќе ви ја нацртаме траекторијата за која засега мислиме дека е точна, за движењето на автомобилот. Не сме уште сигурни дека е таа, ама еве, имајте ја. Сега ќе ви ги дадеме сите изјави од осомничените. За кратко, ќе ги објавиме и другите изјави, од сведоците. Да ги споредите. Во меѓувреме, еве ви ги и снимките од сите камери, гледајте ги.

Ми се чини дека не постои свесност, дури и доколку во некој паралелен универзум би се направило сето ова, дури тогаш каква информациска војна би избила, со сериозни и ненадоместливи последици по целата јавност, по целата истрага, по исходот од истрагата и најважно, по семејствата на убиените. Чуму да ни ги дадат? За да ја задоволат нашата жед и глад за информации? Оти друго не може да биде. Зошто? Оти не сме истражни органи. Оти на Фејсбук убиства не се решаваат.

Точно е дека во моментов има нелогичности. И тоа е сосема нормално за случај кој е во истрага неколку дена, дури и за обвинителите. Гладта и жедта да се знае сè за само неколку дена, мора да биде потисната, во име на Вања и на Жежовски, сè додека не го видиме обвинителниот акт, а обвинетите на обвинителна клупа. Има нешто што се вели трпение, нешто од чиј недостиг сериозно патиме.

Моќта на конспиративниот ум

Дел од конспиративните теории на социјалните мрежи за двојното убиство

Она што го живееме во моментов не е нешто непознато. Тоа постои одамна и во истражувања и во праксата и се вика „теорија на заговор“, нешто што во суштина претставува обид да се објаснат штетните или трагични настани како резултат на дејствија на „одредени моќни групи“. Ваквите објаснувања го отфрлаат прифатениот наратив околу тие настани – напротив, официјалната верзија ја сметаат само како дополнителен доказ за заговорот.

Според ова, настанат е и терминот „конспиративен начин на размислување“.

Голем број експерименти откриваат дека чувството на вознемиреност ги тера луѓето да размислуваат поконспиративно. Ваквите чувства одат заедно со чувството на обесхрабеност, па оттаму, теоријата на заговор може да обезбеди утеха со тоа што ќе идентификува „жртвено јагне“ (најчесто тоа не е еден човек, туку цели влади, неименувани и именувани моќници, бивши и сегашни политичари) и со тоа ќе го направат светот да изгледа поедноставен и под контрола.

Во случајов, една група беше откриена од страна на истражните органи и тие се осомничени за двојното убиство. Но тоа не беше доволно, па сега опстојува наративот дека „некој нè лаже“, често со измислен етнички предзнак на случувањата, што само додава сол на раната.

Истражувачите прикажуваат голем број различни причини зошто луѓето веруваат во теории на заговор. Многу од овие објаснувања се сведуваат на три клучни движечки фактори: потреба за да го разберат она што им е несфатливо, потреба за егзистенцијална контрола и потребата за припадност или да се чувствуваат „посебно“.

Кога луѓето наидуваат на различни информации, сосема е природно да се бараат објаснувања што ги поврзуваат точките. Теориите на заговор нудат објаснувања кои даваат извесно поврзување на овие точки, што воопшто не мора да значи дека се точни. Теориите на заговор, исто така сугерираат дека основните причини за некои немили настани / случувања во принцип се скриени од очите на јавноста и дека сето тоа се прави намерно, како последица на измама од некои надворешни сили.

Светот и одредени случувања често можат да изгледаат збунувачки, опасни и хаотични. Во исто време, луѓето сакаат да разберат што се случува, сега и одма, и се поттикнати да ги објаснат работите што се случуваат.

Но, она што секој од нас мора да го разбере во случајов е дека не може сè да биде разјаснето „сега и одма“, колку и да сакаме. И она што итно мора да го сфатиме е дека овде не зборуваме за чипирање при вакцинација или за ковид-19 како измислена болест (теории на заговор исто толку штетни за општеството), туку за две конкретни фамилии кои во моментов ја живеат најголемата болка.

Оттаму, ќе си ги задржиме теориите за себе, пред бескрупулозно да ги „шлапнеме“ на Фејсбук и ќе ги чекаме првите резултати од истрагата или пак додека дојде до тоа, повторно ќе се поларизираме во нашата замислена фејсбуковска детективска истрага со која нанесуваме само штета?

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ФЗО протестираат – бараат повисоки плати и разрешување на управниот одбор

Вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) денес протестираат со три барања, потврди претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски. Нивните...