На десеттиот ден од граѓанските протести, против одлуката за аболиција на функционери, која ја донесе претседателот Ѓорге Иванов, обоена остана зградата на Владата на Република Македонија. Неколку канти со боја беа истурени и на улицата пред Владата, а десетина балони со боја завршија и кон фасадата.

Протестот, на моменти со кошкање помеѓу полицијата и демонстрантите, заврши мирно, без инциденти.

Денеска, како и претходните денови, протестот почна од пред Специјалното јавно обвинителсто (СЈО).

Полициски сили го блокираа центарот на Скопје и не ги пуштаа граѓаните да поминат низ центарот на градот. Поради тоа демонстрантите тргнаа кон ЕУ-Инфоцентарот, извикувајќи „Готово е Никола“, „Нема правда нема мир“, „Пуштете го народот“…

Од пред ЕУ-Инфоцентар демонстрантите се упатија пред Владата на Република Македонија.

За утре во исто време (18 часот) и на исто место (СЈО) најавени се нови протести.