Министерството за здравство (МЗ), според најновата седмична анализа за процентот на вакцинирани меѓу позитивните случаи и починатите од ковид-19 во земјава, соопшти дека во периодот од 6 до 12 август 3.497 граѓани биле дијагностицирани со ковид-19, а од нив 450 биле целосно вакцинирани. Во проценти, тоа изнесува 12,8 отсто.
Голем процент, дури 87,1 отсто или 3.047 граѓани од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е 100 отсто, покажува анализата. Во период од една седмица на територија на државата починале 25 лица со ковид-19, аниту еден од нив не бил вакциниран.
Во оваа анализа за вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
„Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2“, се вели во соопштението.