Грција треба да биде подготвена за затворање на границите, изјави грчкиот министер за миграциска политика, Јанис Музалас, во интервју за телевизијата „Мега“, истакнувајќи дека ваквиот чекор ќе биде еднострана активност од други држави, а не заеднички договорена на европско ниво.

Музалас посочи дека владата реално се подготвува за ваков чекор. Тој проценува дека затворањето на границите ќе заглави десетици илјади бегалци и мигранти во Грција. Можно е, според него, во државата да останат околу 50.000 мигранти, ситуација која ќе биде тешка, но сепак со која владата ќе мора да се справи.

„Грешат тие што поставуваат огради бидејќи затворајќи ја границата кај Идомени, го губиме единствениот начин да се контролира протекот на бегалци кон Европа“, истакна Музалас.

Оценките во Грција се дека затворањето на границата ќе дојде како казна за Грција поради задоцнетото исполнување на обврските за прифатни центри за бегалците и подобро функционирање на контролните пунктови за регистрација на сите што влегуваат во Грција. Премиерот Алексис Ципрас најави дека до 18 февруари прифатните центри ќе бидат подготвени за да ги сместат бегалците што доаѓаат во Грција.

Според информациите од министерството за одбрана, на центрите се работи забрзано и дел од нив веќе се готови. Центарот на Лезбос ќе има капацитет за сместување 800 луѓе и за регистрација на 4.000 лица. Засега е 50 отсто фунцкионален, а инфраструктурата на проектот е завршена за 75 отсто. Центарот на островот Хиос ќе може да смести 1.000 бегалци, а завршен е 80 отсто од објектот и капацитетите. До 1.000 луѓе ќе може да се сместат и на Самос, а околу 800 на Лерос, но објектите таму сè уште се градат.

Најпроблематичен е центарот на островот Кос, каде жителите не дозволуваат градење на центар за мигранти и ја блокираат работата на армијата.