fbpx

МРТ лани имала 232 новинари или 29 отсто од вкупниот број вработени во јавниот сервис

-

Македонската радио-телевизија (МРТ) на крајот на минатата година имала вкупно 814 вработени лица, од кои 768 во редовен работен однос, додека 46 биле хонорарно ангажирани. Од вкупниот број на вработени во јавниот сервис, 232 биле новинари, додека дури 80 биле уредници на радио и телевизиските програми. Новинарите учествувале со 29 отсто во вкупниот број на вработени во МРТ, се наведува во анализата „Структура на вработените во аудио и аудиовизуелната медиумска индустрија во 2019 година“ на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).

Притоа, лани бројот на вработени во МРТ се намалил за 43 лица, а бројката на вработени продолжува да опаѓа и годинава. Она што може да се забележи од анализата на ААВМУ е дека токму новинари и реализаторски кадар (режисери, сниматели, монтажери и слично) се најмногу ангажирани со хонорарни договори. Од вкупно 46 хонорарци, лани МРТ имала 18 хонорарно ангажирани новинари и 27 лица професионално ангажирани како реализаторски кадар. Инаку, 72 отсто од новинарите вработени во МРТ биле со високо образование, додека 24 отсто имале средно образование.

Раководството на МРТ изминатава пролет го изготви новиот Правилник за систематизација на работните места, а систематизацијата беше одобрена на почетокот од јуни и од Министерството за информатичко општество и јавна администрација (МИОА). Со новата систематизација треба да се зголеми бројот на вработени во МРТ од 764 на вкупно 1.224 лица. Од друга страна, во реалноста и годинава продолжи да опаѓа бројот на вработени во јавниот сервис, па така во првите шест месеци од годинава МРТ имала за 16 вработени лица помалку од крајот на 2019 година.

Раководството на МРТ изготви и План за вработување и прераспределување на вработените, којшто требаше да се одобри од страна на МИОА. Одобрувањето на овој план, како и висината на финансиските средства што ќе ги добие МРТ на располагање од државниот буџет, се важни услови за да се овозможи вработување на нов стручен кадар во јавниот сервис. „Мета.мк“ достави прашања до МИОА за тоа колкав ќе биде буџетот што планира догодина да го одвои Владата на РСМ за МРТ, како и дали го одобриле новоизработениот План за вработување и прераспределување на вработените.

И покрај тоа што во два наврати написмено беа доставени прашањата до Министерството во изминативе една и пол недела, до денешен ден не добивме одговори на овие поставени прашања. Инаку, МРТ во изминативе неколку години се соочува со намалување на вкупните приходи, а заедно со финансиите, се намалува и бројот на вработени лица, на чие место не доаѓаат нови професионалци.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади ќе креираат стрипови за меѓуетнички дијалог и борба против дискриминација

Стрип центарот на Македонија од Велес започна со имплементација на проектот „Да и дадеме шанса на инклузијата“ од вториот отворен повик на Младинскиот меѓукултурен уметнички фонд во рамки на...